Новинарот Бранко Тричковски денеска не се појави во Кривичниот суд на рочиштето од предметот, што Јавното обвинителство го отвори против актерот Тони Михајловски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во судницата дојде само обвинетиот Михајловски и неговиот адвокат, додека Тричковски не се појави, па судијата на шала прокоментира:„Тричковски го нема, а? А, да го донесеме со комбе следниот пат?“.
Во предметот „Бранко Тричковски против Тони Михајловски“, актерот пред судот се изјасни за невин и додаде дека погрешно е протолкуван неговиот Фејсбук статус.
Не сум имал никаква намера и немам никакво криминално досие, рече тој.
Јавното обвинителство поднесе обвинителен предлог против Тони Михајловски за сторено кривично дело загрозување на сигурноста (член 144 став 4 од Кривичниот законик), поради закана за убиство на новинарот Бранко Тричковски објавена на социјалната мрежа Фејсбук. За ова дело е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна.
Михајловски на својот Фејсбук профил на 16 јуни 2017 напиша: „Јас, Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми Боже“.
Рочиштето е одложено за 16 април.
Comments are closed for this post.