Граѓанското општество и Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор ја повикуваат Владата на Република Македонија да ја преиспита и промени својата одлука за драстично намалување на финансиската поддршка за граѓанските организации, објавена во Службен весник на 9 април 2020 година.
Оваа одлука со која финансиската поддршка, зависно од институцијата, или целосно се укинува или сериозно се намалува, е донесена на нетранспарентен начин, без консултација со граѓанските организации, засегнатите страни и пошироката јавност, што говори за непринципиелниот однос на Владата кон граѓанското општество во ова кризно време. Со одлуката со која се намалуваат приближно 525.000 евра неопходна поддршка, државата де-факто го иззема граѓанското општество како релевантен партнер во справувањето со кризата предизвикана од епидемијата на COVID-19.
Препознавајќи ја итноста на ситуацијата, граѓанските организации уште од самиот почеток на епидемијата многу брзо и ефикасно се мобилизираа, ги ставија на располагање сите свои ресурси и преку низа активности обезбедија директна и хуманитарна помош за најпогодените граѓани. Оваа брза реакција за преземање активности кои се од огромно значење за граѓаните, но и за директно справувањето со кризата, за жал Владата на РСМ не ја препознава како партнерство во борбата со COVID-19. Дотолку повеќе, одлуката за намалување на финансиската поддршка на Владата на РСМ сериозно ја отежнува одржливоста и тековната работа на организациите, особено во однос на нивната помош и поддршка на заедниците во време на криза.
Граѓанските организации се клучен сегмент во едно демократско општество, тие имаат вештини, знаење, услуги и пристап до приоритетните целни групи, коишто најчесто се многу посоодветни од оние на државните институции. Оваа вонредна состојба, сериозно го погоди и граѓанското општество заедно со сите останати сегменти. Намалувањето на финансиската поддршка го лишува секторот од значаен извор на средства неопходни за функционирање во и вон услови на криза, ја загрозува достапноста на поддршката што организациите ја пружаат на граѓаните и во крајна линија ќе доведе до ситуација во која луѓе од секторот ќе останат без основниот извор на приходи.
Граѓанското општество има целосно разбирање за кризната состојба во која се наоѓаме, како и за потребата од солидарност, но во услови кога граѓанските организации работат на санирање на штетите од новонастанатата ситуација, со што помагаат на Владата на РСМ во справувањето со здравствената криза, вакви сериозни намалувања ќе бидат штетни по долгорочната работа на граѓанските организации.
Заради тоа ја повикуваме Владата да ја промени својата одлука и преку дијалог и на транспарентен начин да врати дел од средствата за нивната првична намена – поддршка на граѓанските организации за остварувањето на нивните мисии и цели, но особено за поддршка на активностите за справување со кризата предизвикана од епидемијата.
Comments are closed for this post.