Не гледам никакви дупки и проблеми во владината коалиција. Македонија нема зошто да се плаши ако различни партии имаат различен став како што и во партиите не е страшно кога различни луѓе имаат различен став, тоа е богатство, истакна министерката за одбрана Радила Шекеринска, одговарајќи на прашање дали постои коалициска криза на партиите на власт.
Ако не би имале разлики во нашите ставови би биле една партија, а тоа значи дека ќе се вратиме во едно минато и завршено време. Коалициските партнери имаат претходно изграден консензус околу сите крупни прашања и да не беше тој консензус ние немаше да стигнеме до таму каде што сме. За година ипол од заробена држава да стигнете во држава која е поканета и седи на масата на НАТО, не беше лесно. За да се случи тоа ни помогна кохезијата внатре во коалицијата и ни помогна фактот дека можевме да го добиеме на своја страна гласот и на луѓе кои се надвор од нашата коалиција. Околу некои прашања имаме различни ставови, дискутираме и ги решаваме, како што е на пример Законот за корупција донесен со толку голема поддршка, изјави Шекеринска при денешната посета на касарната „Илинден“.
Таа нагласи дека за многу прашања се дебатира во Владата и дека за поголемиот дел е постигната согласност и додаде дека различните ставови не би требало да се поврзуваат со претседателските избори.
Comments are closed for this post.