Само процесот на прочистување во судството ќе донесе позитивни резултати. Затоа повикувам на просчистување во правосудството, како што во моментот се прави прочистување и проверка на Владата, на премиерот, на министри, заменици министри, директори…Тоа е дел од овој трансформативен процес, истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој појасни дека со прочистувањето ќе се оделат сите чесни судии и обвинители од оние што се нечесни или не треба повеќе да работат во правосудството.

-Уште еднаш кажувам, тоа не е ветинг. Ветинг прави Албанија. Ние не сме на тоа ниво стигнати. Ние треба да направиме едно прочистување. Зошто? Од сите оние чесни судии и обвинители треба да се оделат сите нечесни. Можеби се чесни, но имаат судир на интереси, кој што не е дозволив. Некои можеби немаат судир на интереси но имаат недозволива имотна состојба и пари која што претставува индикативна за сериозноста на самите процеси, рече Заев.

Премиерот појасни дека преку Советот за реформи ги утврдиле и доставиле до Парламентот законите од областа на правосудтсвото, и веќе со консензус е донесен Законот за судски совет, Закон за судовите, Закон за антикорупција. Фазата на имплементација, како што рече, сега зависи од поединците.

-Оттука, немешајќи се воопшто во судските одлуки и во одлуките на јавното обвинителство, можам да кажам дека само процесот на прочистување ќе го даде резултатот. Благодарение на гласноста, благодарение на слободата, на демократијата, денеска процесите се јавно и транспарентно изразени, додаде тој.

Според премиерот Заев, правдата е унапредена во државата. Тој појасни дека никогаш вака гласно не се зборувало и не се гонело подеднакво без разлика дали некој е близок до власта или е близок до опозицијата, но као што рече, работите уште треба да се менуваат.

-Ние направивме големи исчекори. Но, далеку од доволно е тоа. Мора работите да се менуваат во државата заради тоа што горчината за неправда ги погодува граѓаните, но таа неправда верувајте ги одвратува инвеститорите домашни и странски, ги разочарува младите, па заминуваат надвор од државата. Затоа е многу важно од секој можен аспект, правната држава и владеењето на правото е императив на кој што мораме да бидеме сите насочени, истакна премиерот.

Тој рече дека е благодарен оти Антикорупциската комисија од јануари ќе почне и со прочистување во правосудството и додаде дека Управата за приходи, Катастар, Централниот депозитар, Централниот регистар имаат законски надлежности да проверат потекло на пари, имот, капитал на судии и обвинители, на нив лично или на нивно семејство и никој тоа не им го брани.

Прашан за став во однос на тоа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најави дека ќе објави бомби, тој рече дека секој што поседува докази дали се тоа видео, аудио разговори, материјални докази е должен да ги пријави.

-Пријавата може да ја направи во институцијата или тоа јавно да го објави. Тогаш пак инситтуциите се должни по слушнат глас да постапат. Зборувам за обинителство, судство, за независни правосудни институции. Јас немам проблем дали се работи за Зоран Заев, член на Влада, директор, должност е на опозиција да биде коректив и се што поседува да објави, само така ќе и помогне на својата држава. Се друго е лажење и манипулирање. Јас кога поседував материјали дојдов и ги споделив со тогашниот премиер и го повикав да замине. Ги објавивме материјалите и ги доставивме до СЈО. Така се постапува правно во нормална земја, одговори премиерот Заев.