Се подготвува ли тргање од случајот „ Империја“, па и од обвинителската функција на обвинителката Лиле Стефанова, по нејзиното сведочење во „Рекет“?! Ова прашање се наметнува, откако денеска шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, испрати критики на нејзина адреса и обелодени дека случајот на бизнисменот Орце Камчев, покрај Стефанова, ќе го води и обвинителката Гордана Смаќоска.
-Сите кои мислат дека судот постапува непрофесионално, треба да пријават во Судскиот совет. Недозволиво е такви сомневања да се изнесуваат во судница, без да се извести Судскиот совет, изјави денеска обвинителката Рускоска, одговарајќи на прашањето како го оценува сведочењето на Стефанова во „Рекет“ и обвинувањата на адреса на судијката Добрила Кацарска.
Во своето сведочење за „Рекет“, одговарајќи на прашање на одбраната на Бојан Јовановски алијас Боки 13, во редот на емисарите, кои ургирале за „Империја“, Стефанова ја спомена судијката Кацарска. Таа, според Стефанова, не ургирала директно кај неа, туку кај нејзин колега од Специјалното јавно обвинителство.
Рускоска денеска, одговарајќи на прашање дали е точно дека се интензивираат активностите за „Империја“, меѓу другото изјави дека и обвинителката Гордана Смаќоска „се повеќе навлегува во случајот“.
Острата стрела на Рускоска и ангажирањето на Смаќоска можат да бидат сигнали дека на обвинителката Стефанова не и „цветаат рози“.
Стефанова доби и кривична пријава од бизнисменот Орце Камчев за злоупотреба на службената положба.
Откако и беше прекинат мандатот во поранешното СЈО, Стефанова беше вратена во обвинителството во Радовиш, но предметот „Империја“ повторно и беше доделен.
Comments are closed for this post.