Повеќе од половина од основните училишта во скопскиот регион не се инклузивни на начин на кој што Законот за основното образование тоа го предвидува, односно немаат вработено образовни и лични асистенти за поддршка на децата со попреченост. Во мал број на училишта има вработено специјални едукатори и рехабилитатори за поддршка на децата со попреченост, но загрижува фактот што нивно вработување е на ниво на проектна активност.
Ова го истакна заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, на денешната промоција на Извештајот за истварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, подготвен од тимот за мониторирање на остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, по повод Меѓународниот ден на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
Во 84 основни училишта во скопскиот регион, кои одговориле на извештајот, во новата учебна година се запишале 1.236 деца со попреченост, а најголемиот дел од деца со попреченост се со лесна попреченост во развојот и деца кои имаат аутистичен спектар на нарушување, но податоците говорат дека и другите видови на попреченост се застапени во редовното образование.
Проблем е, како што наведува Бајрамовска-Мустафа, што не се сите основни училишта инклузивни на начин на кој што тоа Законот за основното образование го предвидува, а во моментов општините не се подготвени да им излезат во пресрет на барањата на сите родители кои имаат наод и мислење за попреченоста на детето кое има потреба да биде вклучено во редовното образование, и на кое што ќе му треба соодветна поддршка.
Законот за основното образование стапи во сила во септември годинава и се применува во новата учебна година, но според заменик народниот правобранител, отсуство е што во Законот нема јасни и прецизни одредби за тоа како инклузијата навистина да се случи.
Според неа, позитивно е што во Законот се зборува за ученици со посебни образовни потреби, што е погенерално од ученици со попреченост, бидејќи, како што појасни, учениците со попреченост се само една од групи што спаѓаат во деца со посебни образовни потреби, тука спаѓаат и деца кои имаат несоодветно однесување, или децата кои што потекнуваат од средини кои што има потреба да се работи со нив.
Додаде дека отсуствува и воспоставување на потребната поддршка и соработка меѓу посебните училишта што треба да делуваат како училишта со ресурсен центар, но наведе дека таква соработка се уште не е воспоставена и во пракса има училишта кои не се целосно инклузивни, или нема обезбедно наставни материјали.
-Недостаток е и што училиштата немаат обезбедено посебни наставни материјали. На пример, имате дете вклучено во редовен образовен процес кој што има проблеми со видот или е слепо, а нема соодветни наставни материјали прилагодени за следење на наставниот процес. Од друга страна, нема ниту вработен кој ќе може да му помогне на детето, наведе Васка Бајрамовска-Мустафа.
Народниот правобранител, Иџет Мемети, кој имаше свое излагање на денешната промоција на Извештајот и тимот на за мониторирање на имплементација на Конвенција за правата на лицата со попреченост, рече дека на попреченоста не треба да се гледа како на недостаток или болест на лицето.
-Во духот на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, ќе речам дека попреченоста е последица на неуспехот за инклузивно општество, за прифаќање на индивидуите со нивната различност. Промените во врска со лицата со попреченост треба да се бараат во општеството, раководејќи се од Конвенцијата која ги дава насоките за таквите промени, рече Мемети.
Comments are closed for this post.