Над 20 автобуси со бугарски државјани го преплавија Делчево. Ако на нив се додадат домашните гости кои вообичаено за Велигден се во родниот крај, како што вели Зоран Златков, скопјанец со потекло од Делчево, слободно може да се каже дека Делчево потсетуваше на времето пред 20 години, кога градот беше преполн со луѓе.
Фантастично е, погледнете „врие“ од луѓе, од кои дел се нашинци кои начекаа продолжен викенд да си дојдат дома, додека атмосферата ја надополнуваат и гостите од Бугарија кои ако забележавте масовно со автобуси се присутни денеска во Делчево, вели Златков.
Ова е убавиот дел кој за Делчево и граѓаните кои секојдневно живеат овде значи многу, меѓутоа како што вели делчевецот Игор Иванов, по Велигден атмосферата е драстично поинаква од сега.
Ако за Велигден велиме дека градот живее, по Велигден градот е пуст, оние кои се тука за празниците си одат, дел од граѓаните заминуваат на лозјата во Италија и Швајцарија, така што овде остануваат учениците, вработените во текстилните фабрики и административците. Повторно ваква празнична атмосфера се очекува во август кога масовно се враќаат печалбарите, вели Иванов.
Денешниот исполнет ден во Делчево им донесе огромен профит на угостителите кои раце тријат од големата заработувачка. Имајќи предвид дека поради Велигденските празници во понеделник е неработен ден, Делчево и утре ќе биде еден од најраздвижените градови во источна Македонија.
Comments are closed for this post.