Првата парада на гордоста ќе се одржи на 29 јуни во центарот на Скопје, најави денеска Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.
Активистот Антонио Михајлов изјави дека Парада на гордоста е протест во кој ЛГБТИ луѓето бараат афирмација, заштита и поддршка на човековите права од страна на државните институции и сите граѓани, активисти, културни и уметнички работници кои имаат прогресивни ставови и вредности, и кои покажуваат солидарност и поддршка на оваа борба.
Додаде дека Парадата креира простор што еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет.
Годинава се одбележува 50-годишнината од првите демонстрации во Њујорк, познати како Бунтот од Стоунвол, кои беа пресвртна точка за создавање на ЛГБТИ движењето, односно борбата за почитување на основните човекови права и спротивставување на прогонот и стигматизацијата на ЛГБТИ луѓето – изјави Кочо Андоновски. Нашата држава е последната земја од регионот што организира Парада на гордоста, рече Кочо Андоновски, член на организацискиот одбор.
Ирена Цветковиќ од Организацискиот одбор се надева дека оваа парада на гордоста ќе биде една од најбезбедните и појасни дека освен МВР и тие будно ќе ја следат ситуацијата и ќе вложат напор секој поединец што ќе присуствува на Парадата да се чувствува безбедно.
Comments are closed for this post.