Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна прислушувањето на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не е удар врз него и новинарите, туку врз демократијата, правото на слобода и темелите на државата.
– Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години. Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата. Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши, истакна Мицкоски во обраќањето на Темaтскиот состанок за Партнерство за отворена власт, што се одржа во Владата.
Токму затоа, нагласи Мицкоски, Партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор.
-Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата. Овој состанок е доказ дека ние не бегаме од проблемите – ги решаваме. Ние не се плашиме од предизвици- ги совладуваме. Нашата визија е да изградиме држава со силни институции, модерна администрација, дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со економија што расте и со општество што верува во демократијата. Верувам дека денешните разговори ќе ни помогнат да го искористиме потенцијалот на отворената власт не само како политика, туку како култура на владеење, рече тој.
Наша должност, како што нагласил премиерот, е да создадеме систем што ќе биде транспарентен, праведен и ефикасен, систем кој ќе биде во служба на граѓаните и кој ќе го врати достоинството на јавниот интерес.
-Денес испраќаме јасна порака: Македонија стои цврсто на патот на реформите, на европската интеграција и на борбата против корупцијата. И од тој пат назад нема, потенцираше премиерот Мицкоски.
Comments are closed for this post.