Секој народ се изроди низ борба, откажувања, безброј жртви и силна вера и копнеж за својата слобода. Нашиот, иако по бројност мал, веројатно ја има најживописната борба за слобода, која нè учи дека нема невозможни работи и дека борбата за слобода е еден трнлив пат, испишан со крв и страдања, една голема и долга низа на востанија, на човечки приказни за храброст, за мудрост, но и на предавства, завери, меѓусебни и надворешни борби. Секој народ си има свое Ватерло, но и своја Нормандија. Своја Бостонска чајанка и свој Јорктаун. Свои падови и свои подеми.
Но и низ оваа линија на борба, ѕвездата водилка беше организацијата создадена на денешен ден – организацијата која е дел од кодот на нашата слобода и државност, која го одбележа најмаркантниот дел од нашата историја и која ги содржи сите наши соништа за она што сме денес. На денешен ден се роди организацијата што потоа ги одбележа сите буни и востанија, која чекореше паралелно со Македонија низ нејзиното создавање. И тој сон за слобода, таа мајка на борбата на нашиот народ – ВМРО – му припаѓа на секој еден кој ја сака и почитува нашата борба, во чие срце пламти зборот Македонија – изјави премиерот Христијан Мицкоски на свечена академија насловена „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

Тој додаде дека на 23 октомври 1893 година се создаде Внатрешната македонска револуционерна организација – идеја што ја надживеа својата епоха, луѓето и сите граници. Од таа скромна соба, со само неколку раце и многу срца, започна големата приказна за македонската борба. Тие млади револуционери не беа генерали, не беа владетели, туку обични луѓе кои одбраа нешто повисоко од животот – да ѝ дадат иднина на татковината. Со перо, со збор и со клетва тие ја создадоа организацијата што ќе стане симбол на непокорот, на саможртвата и на вечниот стремеж кон слобода.
Од таа искра во Солун се разгоре огнот на Илинден, се зацврсти духот на Крушево, се роди државноста во АСНОМ, се испиша современата историја на македонскиот народ.
И секојпат кога пред нас стоеле темни времиња, кога се чинело дека Македонија ќе биде избришана, токму духот на ВМРО го чувал името, верата и достоинството на овој народ. Затоа, 23 Октомври не е само датум – тоа е завет.
Завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина. И додека го чествуваме овој ден, се поклонуваме не само пред храброста на тие први борци, туку и пред идејата која и денес нè повикува – да бидеме достојни наследници на нивната верба и нивниот сон.
„Нашето дело е чисто народно дело,“ ќе каже Христо Татарчев, првиот претседател на Организацијата. Тоа беше организација на народот, за народот, со народот. Без држава, без армија, без моќ – но со нешто посилно од сè: со верата дека правдата и слободата се на нивна страна. „Целта е да се извојува автономија на Македонија,“ ќе запише Даме Груев.
Но за нив, автономијата не беше само политичка, туку духовна независност – правото на Македонецот да биде свој на своето, да има свој јазик, свој идентитет, свој дом. И секогаш кога било најтешко, кога некој се обидувал да нè избрише, токму тој дух на ВМРО – духот на народот што не се предава – ја чувал Македонија жива.
„Револуционерот не прашува што ќе му даде татковината, туку што тој ќе ѝ даде на неа,“ напиша Ѓорче Петров. И тоа е суштината на ВМРО – не како организација, туку како идеја. Идеја која не умира, туку се прераѓа со секоја генерација – од татко на син, од дедо на внуче, од човек на човек – што верува во оваа наша Македонија.
Затоа, денес не славиме само минато. Денес го славиме духот на трајноста.23 Октомври е повик кон совеста – да бидеме достојни на тие што ни ја подарија слободата, да ја чуваме Македонија со истата решеност со која тие ја создаваа.
ВМРО е мислата што не умира – затоа што е родена од љубов кон слободата, а слободата е вечна. Силата на ВМРО не била во оружјето, туку во идејата дека правдата е посилна од стравот. И доказите за таа челична волја и таа саможртва не се напишани само во книгите, туку можете да ги видите низ живите споменици под дабовите на Мечкин Камен, по улиците и духот на Крушево, низ славните битки и востанија на нашиот народ. Затоа и Македонија треба да се чува, затоа што зад оваа држава стојат илјадници животи кои се дадени за нејзината слобода. И тоа е нешто што нè обврзува и задолжува – рече Мицкоски.
Comments are closed for this post.