Чест ми е што денес сме заедно со Западнобалканскиот дигитален самит 2025 – место каде не зборуваме само за технологии, туку за тоа како дигитализацијата ја менува иднината на нашите граѓани, бизниси и држави.Денес живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење, истакна премиерот Мицкоски на денешниот Дигитален самит.
Овој Самит е симбол на токму тоа – регионот покажува дека знае да работи заедно, дека може да создава заеднички дигитален пазар и дека може да биде дел од Европската дигитална декада. Денес зборуваме за една тема што не е само технолошка промена, туку суштинска револуција која ја обликува иднината на сите нас – дигитализацијата. „Светот се менува со технологијата побрзо отколку што се менуваме ние самите,“ рече еден современ мислител. Затоа нашата задача е не да го следиме тој напредок, туку да бидеме негови лидери.
Долго време нашето општество беше заробено во бирократија – редици пред шалтери, печати и документи кои патуваат од канцеларија во канцеларија. Сите ние сме сведоци како луѓето губат часови, па дури и денови, за услуги кои треба да траат во суштина само неколку минути. Тоа мора да биде минато. „Бирократијата е механизмот што ја претвора енергијата во отпор,“ предупредуваше Честерфилд.
Дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните. Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој.
„Информацијата е новата нафта на 21 век,“ велеше Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум. Но, додека нафтата ги создаваше монополите, информацијата може да создаде еднаквост – доколку, се разбира, ја користиме правилно. Дигитализацијата е економска моќ. Таа отвора пазари, носи нови инвестиции и ја зголемува конкурентноста. Со дигитализацијата нашите мали компании добиваат можност да излезат на глобалната сцена. „Во иднината ќе има само два вида на компании – дигитални и оние што повеќе не постојат,“ предупреди еден визионер од Силиконската долина.
Затоа нашата цел е јасна: да станеме центар на дигитални иновации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти. Но, да не заборавиме – дигитализацијата не е за машините, таа е за луѓето. Таа е за мајката која сака побрзо да го запише своето дете во градинка, за пензионерот кој сака лесно да ја добие својата пензија, за студентот кој сака пристап до знаење и книги онлајн, за секој граѓанин кој сака да ја чувствува државата како пријател, а не како противник. „Технологијата треба да служи на човекот, а не обратно,“ Тоа е наша цел.
Нашата визија е држава која ќе биде целосно дигитална, транспарентна и ефикасна. До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн. Секој граѓанин ќе има свој дигитален идентитет и пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини – ученици кои ќе бидат конкурентни со своите врсници во Европа. Ќе градиме систем на сајбер-безбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество.
Со гордост ја претставивме апликацијата М-Услуги – тука министерот за дигитална трансформација, заедно со неговиот тим жестоко и напорно работеше, затоа моја благодарност до Стефан Андоновски, Министерството и тимот од Министерството за развој на оваа апликација. Таа е симбол на новата ера: сите документи во еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци, потсетник за рокови и обврски, целосна транспарентност и доверба. Ова е почеток на една дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен. Дигитализацијата е нашиот мост кон Европа. Таа е нашиот штит против корупцијата. Таа е нашата шанса да изградиме поефикасна држава и поправедно општество. „Иднината им припаѓа на оние што се подготвуваат за неа денес“. Да бидеме тие што ќе ја изградат иднината. Да бидеме генерацијата што ќе го претвори регионот во дигитален двигател. Со дигитализацијата стануваме земја којашто ќе биде конкурентна со останатите земји во Европа и со регионот, којшто заедно ќе чекориме напред.
Кога надвор од земјата го подготвував докторатот пред едно 20 години и повеќе и кога го подготвував експерименталниот дел од докторатот, тогаш за прв пат почнавме да применуваме алгоритми од вештачка интелигенција. Тогаш имаше три невронски мрежи, генетски алгоритми и фази логика. Јас одбрав да ја користам фази логиката како алгоритам, за да управувам манипулациони роботи во технолошки процес. И во тоа време тоа претставуваше озбилен, сериозен предизвик за мене како млад стипендиста којшто ја напушти Македонија и гладен за знаење отишол надвор од државата. Кога се вратив желба ми беше тоа знаење да го пренесам на студентите. А денеска како претседател на Владата, желба ми е како држава и како влада да бидеме најдобри во регионот, и јас сум убеден дека до крајот на овој мандат тоа и ќе го направиме.
Comments are closed for this post.