Во политиката постојат работи што се прават и не се кажуваат и останувам на мојата проценка, вели претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, во интервјуто за грчката телевизија Open во однос на неговиот став дека Ципрас направил размена со Европејците за Договорот од Преспа. Првиот човек на најголемата грчка опозициска партија додава дека нема никаков сомнеж за тоа, а за Договорот од Преспа потенцира дека тој е апсолутно доследен до она што го имам кажано, а доколку добие доверба год раѓаните, вели, „можеме да ублажиме некои од негативните аспекти на овој договор“, јави дописничката на МИА од Атина.

„Ќе се бориме да ги ублажиме негативните последици од овој договор. Ќе ги поддржиме македонските производи, ќе се бориме да го поддржиме брендот на вистинската грчка Македонија. Наша задача е да го направиме ова, бидејќи денес, овој договор во суштина, што прави? Во суштина, ексклузивно, ги отстапи придавката македонски, македонскиот идентитет, на соседната земја“, рече Мицотакис и додаде дека ако сакале ваков договор, можеле да го постигнат уште пред 11 години во Букурешт.

Лидерот на Нова демократија го повтори неговиот став зошто смета дека договорот е лош, објаснувајќи дека е наспроти грчкото општество.

„Никој не ми одговори, ниту господинот Ципрас, зошто една земја што се вика Северна Македонија, треба нејзиниот јазик да е македонски, а граѓаните да се Македонци? Ова, уште никој не ми го одговори и господинот Ципрас не може да одговори бидејќи тоа е големата добивка на господинот Заев. Затоа господинот Заев се гордее дека наводно го дал, мислиш направи голема отстапка, името Северна Македонија и го доби она што ниедна грчка Влада во минатото не му даде, македонски јазик, македонска националност, македонски идентитет, истакна претседателот на најголемата грчка опозициска партија.

Тој објасни дека во конкретните околности, им одговарало и на Европејци и на Американците, Скопје да влезе во НАТО.

„Ни јас немаше да бидам против, под услов да не е на товар на нашите национални интереси“, коментира Мицотакис во интервјуто за Open.

Во однос на економијата меѓу двете земји, лидерот на Нова демократија рече дека „и покрај тешкотиите и покрај нерешеното прашање за името постоеја тесни економски односи со Скопје“.

„Во овој момент односите меѓу двете држави на ниво на психологија се полоши од што беа пред една година и ова, да немате никаков сомнеж, барем краткорочно ќе има негативно економски последици во односите меѓу двете земји“

Прашан дали смета дека Македонија е една и грчка, Мицотакис одговара дека „географската Македонија е поголема од грчката Македонија“.

„Но, Македонија како идентитет како бренд во националната свест е грчка, ова никој не го оспорува, рече Мицотакис во интервјуто“, пренесе МИА.

На прашањето на новинарката, што неговиот татко Константинос Мицотакис би направил во однос на договорот, лидерот на Нова демократија објасни дека ги проучил внимателно говорите на поранешниот премиер и рече дека „нема никаков сомнеж дека нема да го прифатеше овој договор“.

„Ги пренесувам неговите зборови, земјата веќе има религиозно малцинство во Тракија, во никој случај не треба да добие второ, национално малцинство, македонско малцинство во Северна Грција. Ова беше големата загриженост на Константинос Мицотакис“, рече претседателот на Нова демократија.

За Договорот од Преспа, Кирјакос Мицотакис говореше и во обраќањето на партиски настан организиран на Пелопонез во градот Спарта.

„Се чини дека господинот Ципрас денес поудобно се шета во Скопје отколку што се шета во Солун. И ми остава впечаток, не знам дали тоа го стори намерно или дали некој занемари да му го потенцира, патуваше во Скопје, внимавајте, на денот кога Костас Караманлис пред 11 години кажа „не“ во Букурешт. И денес ја навредува нашата интелигенција, ја навредува нашата чувствителност, ги навредува вистинските патриотски чувства на грчкиот народ. Нѐ навредува сите нас кога отворено ни вели дека оние кои реагираме на договорот што го потпишав сме националисти, радикални десничари, популисти. Му одговориме: „Не, господине Ципрас, ние не сме ништо од ова. Ние сме вистински патриоти кои ја знаеме нашата историја, ја почитуваме нашата историја и ќе продолжиме да се бориме за да не се фалсификува нашата историја, а особено историјата на Македонија“, порача Мицотакис од Спарта.