Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека Владата не е доволно подготвена за справување со кризата предизвикана од руско-украинскиот конфликт, оценувајќи дека државата нема доволно количини на стокови резерви.
– Ако имаше доволно стокови резерви, зошто не се интервенираше на пазарот за нафта и нафтени деривати, и тогаш ќе немавме проблем со цените, рече Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.
Тој ја обвини Владата дека не само што не е подготвена, туку и нема стратегија.
– Појдете на терен каде што се државните резерви да видите дали има доволно количини на мазут, дали има доволно количини во стоковите резерви за останатите артикли, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори и на обвинувањата на СДСМ за набавката на 100 електрични автобуси, истакнувајќи дека целта е да се подобри квалитетот на живот на скопјани, како и подобрување на амбиенталниот воздух.
– Ако е грев тоа што сакаме да го подобриме комфорот на скопјани, квалитетот на животот на скопјани, да го подобриме квалитетот на воздухот, затоа што изминатите четири години буквално ништо не беше преземено, ако е грев да одиме по светот и да бараме инвеститори кои што ќе отворат фабрика во Македонија, ќе вработат Македонци и од Македонија ќе извезуваат ваков тип на возила во Европа, тогаш да не чекаат веднаш да дојдат и да ме апсат, вели Мицкоски.
Мицкоски најави дека има распишан тендер за изградба на 11 нови булевари во Скопје, а зборуваше и за проектот БРТ за кој истакна дека не е напуштен, туку дека се корегираат грешките, направени од претходниот градоначалник Петре Шилегов.
– Ниеден проект нема да се стопира, само проектите што беа заглавени од претходната администрација и претходниот градоначалник на Градот Скопје, се решаваат и се одглавуваат, како што е мостот АСНОМ кој што ги поврзува Аеродром со Керамидница, како што е првата фаза на булеварот АСНОМ 1, 2 кој што проаѓа покрај Ист Гејт, како што е мостот на Љубљанска спроти Сити Мол, булеварот Борис Трајковски кон Драчево, Ленинова, Теодосиј Гологанов и многу други проекти, истакна Мицкоски.
Comments are closed for this post.