СДСМ ако смета дека е со нив народот не треба да се плашат и нека излезат на референдум и само на тој начин ќе се знае дали тие се во право или ВМРО-ДПМНЕ, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот настан на Демократски сили на Ромите, одговорајќи на новинарско прашање, при што истакна дека против референдум се само СДСМ и нивните инсталации во опозицијата додека целиот народ бара референдум.
– Што се однесува до дебатата во јавноста има една чудна состојба, а тоа е дека противници на референдумско изјаснување на народот се власта и оние инсталации на власта во опозиција. Тоа е една чудна ситуација која ги обединува тие инсталации на власта во опозиција и помеѓу македонскиот народ и самата власт. А сите останати, огромно мнозинство граѓани без разлика на етничка припадност се за тоа да имаме референдум, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека за референдумот добил поддршка од ИК и ЦК на партијата и во следниот период следат консултациите со експертите и јавноста за тоа каков ќе биде референдумот и кога би се одржал.
– Со таков став излегов пред Извршниот комитет и Централниот комитет на партијата за што добив и недвосмислена поддршка. Во периодот кој следи ќе продолжат консултациите со експертите со јавноста околу тоа каква форма ќе биде референдумот, задолжителна, консултативна, кога би се одржал, кој би го поднел, дали пратениците, дали 150.000 граѓани, дали ќе биде референдум претходен или последователен, дали ќе се однесува на преговарачката рамка или на делот од преговарачката рамка кој се повикува на билатералниот договор о Бугарија и изворот на проблемите, тоа е протоколот, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека референдумот треба да го заштити македонскиот идентитет и дека оваа влада која нема никаков кредибилитет нема право да преговара и нема право да потпишува договори.
Comments are closed for this post.