Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“ истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најорганизираната политичка партија во државата и дека на локалните избори, кои треба да се одржат есенва, очекува победа, барем еден градоначалник повеќе, или еден советник повеќе на советничките листи.
Во однос на можните изборни коалиции со политичките партии, Мицкоски истакна дека сите карти се на маса и дека сите опции се во игра особено поради тоа што овие се локални избори.
Додава дека поддршката на изборите ја очекува на два начина, преку неформални коалиции со поддршка која граѓаните би ја дале за одреден кандидат и преку предизборни коалиции со политички партии. Во зависност од понудата и побарувачката, додава тој, можни се коалиции и со парламентарни и со вонпарламентарни партии како и албанските партии.
Поддршка на локалните избори очекуваме на два начина. Првиот, преку неформални, динамични коалиции, кога ќе се поддржи определен кандидат. А, втората, со предизборна коалиција, со некои од политичките партии, а дали тоа ќе бидат вонпарламентарни или албанските партии од опозицијата, ќе зависи од понудата и побарувачката. Длабоко сме убедени дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најорганизирана политичка сила во државата“, истакна Мицкоски за „Фокус“.
Тој порача дека за албанските партии, кои претендираат да ги освојат општините со мнозинско албанско население, за да ја добијат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да ги почитува Македонците и другите помали заедници и дека тоа ќе треба да го покажат на дело. Мицкоски истакна за да го покажат тоа, со идниот коалиционен партнер, најмалку што можат да се договорат е претседавачот на општнскиот Совет да биде од втората по големина заедница, односно да биде Македонец.
Ние сме апсолутно свесни дека без поддршката на македонското малцинство во тие средини, како и на другите помали заедници како Турци, Роми, Бошњаци, битката меѓу условно кажано албанските партии, нема да може да натежне на едната или на другата страна. Еве, ексклузивно ќе откријам за вашиот весник, дека најмалку што можеме да побараме од нашиот иден коалициски партнер, кој пледира да ја добие поддршката за градоначалник во овие средини, е да ги почитува Македонците и другите помали заедници. А, да го видиме тоа на дело, најмалку што можеме да се договориме е претседавачот на Советот да биде од втората по големина заедница, а тоа е, на пример, во Тетово или во Гостивар, да биде Македонец“, порача Мицкоски.
Comments are closed for this post.