Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ денеска на прес-конфренцијата соопшти дека партијата има пакет мерки за револуција во квалитетот на здравство. Од ВМРО ДПМНЕ најавуваат изградба на четири нови Клинички центри, 20 отсто повисоки плати за сите и повеќе бесплатни лекови.
Една од најранливите области во македонското општество преставува македонското здравство. И ќе говорам мошне отворено за проблемите кои денес се актуелни. 29 години тоа е предмет на експериментирање и неконзистентни политики, место на неуспеси и незадоволни граѓани.
Мора да се биде реален и да се погледне на проблемите отворено. Денес кога било кој граѓанин треба да заврши некоја работа во државното здравство прво што паѓа напамет е како да се изнајде најкусиот пат „преку пријатели“ да се заврши работата. А, ова отвора пат за корупција, непринципиелни барања, ерозија на вредностите. И не се виновни самите граѓани, ниту пак лекарите, туку пред се станува збор за не функционирање на системот.
И ова се проблеми кои се наталожувани со години, а особено доаѓаат до израз последните три. Тендери во 4 очи, бизниси на поединци наместо здравствена нега, крвави тендери се само мал дел од она што е актуелно во здравството. Згора на тоа, поради лошите услови здравствениот персонал и лекарите се почесто наоѓаат работа надвор од земјата, во странство, а здравствените установи остануваат без она што е најсуштинско, најпотребно, а тоа е квалитетен и искусен кадар, изјави Мицкоски.
Според него, потребна е целосна обнова на здравството, со квалитетни реформи и мерки кои ќе обезбедат повеќе квалитет, повеќе задоволни граѓани, повеќе здравје за секого.
Во таа насока денес ќе презентирам дел од мерките кои ги планираме за обнова на македонското здравство.
Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на капитален проект за воспоставување на национална мрежа на 4 нови клинички центри што ќе подразбира нов квалитет во македонското здравство. За прв пат досега интегриран систем од 4 клинички центри и тоа:
• Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“.
• Универзитетскиот Клинички Центар „8 септември“, кој што практично планираме да го трансформираме во Клинички Центар кој е планирано да работи под административна капа на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“.• Воспоставување на Универзитетска клиничка болница Штип што ќе опфати подигнување на нивото на сегашната болница.
• Воспоставување на Универзитетска клиничка болница Тетово.
Со ваквите 4 центри здравството ќе стане подостапно за граѓаните и ќе се спасат повеќе животи.
Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола. Со тоа ќе овозможиме квалитетни услуги и поголемо достоинство на луѓето со загрозено здравје.
Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција и модернизација на Универзитетска клиника за Хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, односно Градската Болница. Така што Скопје ќе добие современа болница каква што заслужува.
Се обврзуваме на обнова која ќе значи воспоставување на модерен вистински ургентен траума центар. Поради растот на популацијата во Скопје и драстично зголемениот број на сообраќајни повреди и потребата од брзо, благовремено и адекватно реагирање, предвидуваме нов модерен ургентен траума центар.
Се обврзуваме на обнова со која ќе обезбедиме за 20% повисоки плати во здравството за сите. Мора да имаме задоволни вработени во здравствениот систем кој ќе ја градат иднината тука во државата. Затоа предвидуваме линеарно во еден четиригодишен мандат континуиран раст од вкупно 20% на платите на лекарите, стоматолозите, средниот медицински персонал и техничкиот и административниот персонал, рече Мицкоски.
Мицкоски дополни дека истовремено се обврзуваат да веднаш во првите 100 дена да интервенираат во законот, каде што ќе се овозможи на медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство. И обратен процес, да може лекарите кои што даваат услуги во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство.
Се обврзуваме на обнова со која што ќе овозможиме утврдување на достоинствена гарантирана плата за специјализанти и платени дежурства. Со тоа ќе го заштитиме нивниот стандард, но и воедно ќе ги поттикнеме истите тие да се развиваат. Оние кои преставуваат иднина на македонското здравство мора да ги направиме да бидат задоволни и да имаат платен труд.
Се обврзуваме на обнова која ќе значи ревидирање на позитивната листа, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи. Ќе се ревидира листата на лекови, што ќе значи повеќе бесплатни лекарства за оние на кои тие им се најпотребни.
Се обврзуваме на обнова со која ќе воведеме здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта. Ова подразбира Целосна дигитализација на рецепти, упати, извештаи и резултати. Дигитализација на радиолошките единици, нивно поврзување во единствен центар за да се скратат процедурите и да им се олесни пристапот до здравствениот систем на граѓаните. Системот ќе биде дигитализиран во сите делови, од подигнување електронски рецепти кај матичниот лекар, до добивање медицински извештаи. Електронски издадената рецепта од лекарот, ќе може да се подигне во било која аптека со документ за лична идентификација од страна на пациентот или негов близок.
Се обврзуваме на обнова која ќе значи зајакнување на дежурните служби и итна медицинска помош, ова значи дека ќе работиме на поголема достапност во текот на 24 часа на здравствените услуги за граѓаните.
Се обврзуваме на обнова која ќе значи ослободување од административни процедури на матичните лекари. Освен тоа што предвидуваме континуиран раст и на вредносната капитација кај матичните лекари, ќе воведеме и електронско работење и ослободување од десетици административни процедури кои сега им одземаат време и пари на матичните лекари.
Се обврзуваме на обнова преку која ќе изградиме Здравство ориентирано кон пациентите. Затоа ќе донесеме Национална здравствена стратегија заснована на следните постулати: Зајакнување на јавното здравство – заради тоа што лекарите и здравствените работници треба да останат во Македонија и тука во јавното здравство; Зајакнување на примарното здравство, стоматологијата и превентивата; Оптимизација на здравствениот систем, ориентиран кон бенефит за пациентот; и конечно Нулта корупција во здравството, која што ќе опфати како заклучок Интегрирање и функционално реорганизирање на здравствените единици.
Мерките во здравството треба да донесат револуција во квалитетот и повеќе здравје за секого.
Ќе градиме здравство кое ќе биде функционално и достапно и кое ќе им служи на граѓаните.
Ќе се бориме да имаме вистински бесплатно здравство. Мораме да имаме задоволни лекари и здравствен персонал кој што ќе резултира на крајот од денот со задоволни граѓани. Граѓаните мора да ја добијат услугата која ја заслужуваат. Ветувам дека ќе смениме голем дел од работите и проблемите кои се наталожувани со години и децении. Ветувам нула толеранција кон корупцијата, но и многу работа, и достоинствени услови. После 12-ти април заедно ќе ги менуваме работите, и заедно ќе се избориме за обнова која ќе значи повеќе стандарди, повеќе услуги и квалитет во здравството, ќе значи повеќе за секого. Обновата доаѓа и обновата победува, рече Мицкоски на денешната прес-конфренција.
Comments are closed for this post.