Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес ја посети регионалната стопанска комора во Битола, при што даде своја изјава и одговори на неколку новинарски прашања, меѓу кои и на прашањето што очекува од посетата на Зоран Заев на Мадрид, Брисел и Атина и кои се придобивките на Република Македонија од посетите.
Мицкоски потенцираше дека од тие средби не очекува апсолутно ништо, никаква промена во однос на меѓународниот пат на Република Македонија, бидејќи сликата за политиката на Владата во Република Македонија не може да се промени со посети, поради тоа што државата за жал во изминатите неколку години изобилува со криминал и корупција.
“Криминалите и корупцијата кои што се случуваат во Македонија не се бришат толку лесно од меморијата на Европската унија, како што тоа го замислил Зоран Заев. Оние потези со раката на срце можеби допреа некого во Македонија, но таму сигурно нема. Впрочем, мене ме изненади и онаа негова изјава на лош англиски јазик од Атина каде што вели дека Бугарија имала 35 шанси како да ја блокира Македонија. Како тогаш го лажете македонскиот народ дека некогаш ќе биде дел од европското семејство, доколку самите се откажувате од тоа?, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека таквиот однос од страна на Владата на Република Македонија е недостоинствен и понижувачки, бидејќи доколку тоа е начинот на кој Македонија треба да и се додворува на Бугарија, тогаш тоа е апсолутно вон здравиот разум. Ако Зоран Заев смета дека Македонија може во 35 наврати да биде блокирана од Бугарија на патот кон ЕУ, тогаш државата треба да бара друга алтернатива, а не да оди со главата во ѕид.
“Се срамам што сум дел од ова политичко мочуриште во кое како директен противник го имам овој човек кој на секаков начин и штети на Република Македонија и наместо да се избори тоа да го промени, тој ги елаборира можностите на кои начини Бугарија би можела да ја блокира Македонија. Тоа е крајно понижувачки за македонскиот народ”, истакна Мицкоски.
Мицкоски вели дека освен тоа што Заев потрошил десетина илјади евра народни пари за шетање по европските метрополи, државата нема никаква друга придобивка од тоа што тој неколку денови патува со народни пари.
Comments are closed for this post.