Со вкрстено испрашување од одбраната на сведокот Звонко Костовски денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина”.

На прашања од обвинетиот Владимир Валеров, сведокот Костовски кажа дека имал пристап до домејнот со сите компјутери на кои бил инсталиран најс-трак системот од каде можел да прави копија од привремено зачуваните документи што корисниците на компјутерите ги креирале.

На прашање од обвинетиот Валеров, зошто кога веќе дознал не му предочил на Горан Грујевски дека нелегално се прислушува, сведокот Костовски рече дека тоа се прислушкувања по наредба на Грујевски.

Па што да му кажам повеќе што не знае“, рече Костовски.

Во однос на тоа како бил контролиран од Горан Грујевски дека не ги пречекорил неговите насоки, сведокот Костовски рече дека не знае како Грујевски им вршел контрола, посочувајќи дека можеби тоа го правел преку неговиот претпоставен Небојша Стајковиќ, кој ги имал истите привилегии.

Прашан од обвинетиот Васил Исаковски, како го поврзал него со креираните ворд документи, Костовски рече дека ги имал имињата на сите репродуценти, па и од него.

Од системите можев да утврдам од каде се логира корисникот и јас точно ја знаев локацијата на сите компјутери на кои е инсталиран најс програмот. На списокот со кориснички имиња кои ги предавав на Грујевски, тој кажуваше кое корисничко име ќе биде точно на кое лице и така знаев точно име и презиме на секој корисник“, рече Костовски.

Одговарајќи за прислушувањата на прашањата на обвинетата Надица Николиќ, тој раскажа и за една грешка во комуникацијата меѓу вработените во УБК.

Се случи еднаш репродуцер наместо кај инспектор, по грешка се јави кај таргет“ ,  рече Костовски.

Појасни дека целиот список на корисници го имал Горан Грујевски и тој кажувал кој ќе го користи секој од корисничките сметки на репродуцери.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Џанета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е СЈО.

Судијката Бегтовиќ посочи дека денеска е предвидено да се заврши со вкрстено испрашување на сведокот.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.