Македонската асоцијација на новинари (МАН) жали што врз грбот на новинарот Горан Трпеноски со последната судска пресуда се кршат копјата околу правната формулација/регистрација на електронските медиуми (портали).
Судот во пресудата наведува факт – дека според законот, портал не е медиум, а вработените не се новинари, бидејќи здружението каде што тој бил вработен не претставува издавач на медиум.
МАН во изминатите години повеќепати бараше и јавно се залагаше за регистрација на електронските портали како правни лица – медиуми во Законот за медиуми и во Законот за АВМУ, и како такви да бидат евидентирани во единствен регистар на медиуми под капата на Агенцијата за АВМУ.
За жал, МАН наиде на остро спротиставување од ЗНМ и дел од невладиниот сектор по ова прашање, дури и кога повикавме да се прочисти нивниот регистар на медиуми, каде што членуваат и портали чии издавачи се невладини организации, што не е случај со регистарот на ИАБ Македонија.
Сега за жал, на дело ги гледаме последиците од правната несигурност во која функционираат и работат многу професионални новинари во новите дигитални, електронски медиуми, односно портали – велат од МАН.
МАН ја повикува владата, политичките чинители и ЗНМ активно да се поддржат измените кои ги предлагаме во Законите за медиуми и аудиовизуелни услуги, со кои ќе се утврди правна регистрација на порталите како медиуми, со што ќе се овозможи правна сигурност и професионално извршување на професијата новинар во медиум, а единствениот регистар на медиуми да го води Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, во чие изготвување и прочистување активно ќе учествуваат МАН, ЗНМ и ИАБ Македонија.
Comments are closed for this post.