Поминаа три дена, а од Катица Јанева ниту трага, ниту глас. Три дена не доаѓа на работа. Три дена се крие и бега од одговори и одговорност. Платата тешка илјадници евра и стигнува на сметка, а нејзе ја нема. Кружат информации дека заминала од Македонија. Ова сигурно не е право и правна држава. Наместо да одговара пред законите, таа продолжува да ги влече конците, да овластува обвинители и да потпишува акти на СЈО, изјави на денешната прес конференција Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Ласовска премиерот Зоран Заев како што вели иако се прави наивен, постојат сериозни индиции дека токму тој во неколку наврати остварувал средби осомничените од рекетарската банда.

„Дали е точно дека изминатиот викенд еден од сега осомничените за рекет, дел од криминалниот октопод на Заев, славел заедно со Заев во еден од локалите во Охрид до раните утрински часови?

Дали е точно дека еден од обвинетите имал чести средби со член на семејството Заеви во еден ресторан на кејот на реката Вардар во центарот на Скопје каде се договарале идни „жртви на уцени“, биле давани насоки и упатства?

Дали е вистина дека еден од обвинетите бил близок човек со член од семејството Заев кој е познат дека има улога на таканаречен торбар и главен за воспоставување лични релации при договарање на тендери со министерствата и државни компании? Дали и колку требал да биде колачот од сето ова за Заеви, за што торбарот, сега осомничен, посредувал?“, прашува Ласовска.

Таа смета дека има премногу нелогичности кои досега се изнесоа во јавноста од страна на надлежните институции и ставови на Заев и дека истите тие отвораат сомнеж дека надлежните нема да ја доведат истрагата до врвот на оваа рекетарска организација.

„Никој не може да ја убеди јавноста дека на своја рака и без сесрдна поддршка на високи владини функционери, Боки 13 сам го вршел и спроведувал рекетот“, рече Ласовска и потенцираше дека  надлежните се уште не даваат одговор зошто во рамките на истрагата на Катица Јанева и бил одземен само телефонот и тоа само едниот телефон кој што го поседувала.