Фирмата „Ланд -Сервис ДООЕЛ Скопје“ реагира на текстот објавен на нашиот сајт „МВР го одврза ќесето за кумашинот на Љубе Бошковски“.
Демантот ви го пренесуваме во целост согласно новинарската етика и професионалните стандарди:
„Се обраќаме до вас согласно членот 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета пред поднесување тужба со барање за извинување за вашите тврдења изнесени на интернет страната https://pressingtv.mk на ден 13.06.2019 година под наслов „МВР го одврза ќесето за кумашинот на Љубе Бошковски“ каде имате изнесено навреди и клевети кои се однесуваат на нас, а без претходно да не контактирате или да побарате наша изјава за објавениот прилог согласно новинарската професија.
Целиот текст е направен омаловажувачки и само со цел да се наруши нашиот углед. Нашата фирма е странска инвестиција која постои на пазарот во Република Северна Македонија повеќе од 10 години и за целиот овој период активно учествуваме во тендери. Во однос на Министерството за внатрешни работи фирмата има добиено тендер и во периодот кога господинот Љубе Бошковски беше во затвор, па ваквите инсинуации и клевети цениме дека се само со цел да нанесат штета на угледот на фирмата.
Сите тендери кои ги имаме добиено ( а истите не се малку) се од единствена причина што нашата понуда била најповолна и немаат никаква конекција ниту со одреени физички лица ниту со некоја политичка партија.
Тендерите се спроведуваат согласно законските прописи па доколку постои сомневање во во начинот на спроведување на постапката постојат надлежни органи каде секој има право да поведе постапка или иницира постапка.
Согласно Вашата новинарска професија и етика пред објавување на било какви натписи сте должни во најмала рака да се обратите и до нас т.е да ги контактирате субјектите за кои пишувате, како и да ја проверите тендерската документација и склучените договори кои се јавно достапни, а со цел да утврдите дали описот на набавката/ услугата е во согласност со цената а не да изнесувате бројки само кои го доведуваат во заблуда читателот и тоа со помпезни наслови со текст во кој се содржани навреди и клевети.
Бараме да се извините, извинувањето или јавното повлекување на изјавата да го објавите на истото место во истиот обем на т.е на интернет страницата https://pressingtv.mk , а во извинувањето да е содржана информацијата на која се реагира. Извинувањето или јавното повлекување на изјавата да го објавите најдоцна во рок од 48 часа од денот на приемот на ова барање кое Ви го доставуваме на e mail објавен на Вашата интернет страна како и по пошта.
Барател:
ЛАНД-СЕРВИС ДООЕЛ Скопје
Пресинг ТВ во ниту еден момент немал намера ниту за цел да ја навреди или наклевети фирмата. Информациите во текстот се објавени врз основа на јавно достапните податоци од Бирото за јавни набавки.
Текстот на Пресинг ТВ е објавен на 13.06. 2019 година. Во продолжение линк од објавениот текст:
Comments are closed for this post.