Отстранетиот споменик на Андон Лазов-Ќосето и барањето за негово враќање одново ја испреплетоа историјата со политиката. Но, што е можеби поважно, во целост го разоткри и историскиот, и политичкиот дунстерај на градончалниците и на Скопје, и на Општина Центар, и попатно на Струмица.
Од нив, последните двајца од редовите на СДСМ, а првата наводно независна, ама практично зависна од истиот СДСМ-овски, партиски скут. Заедно, пак, ни ги продаваат двојните аршини присутни во сите сфери во општеството.
Просто е неверојатно, но градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не знаела кому точно да го испрати барањето за враќањето на споменикот на Ќосето-дали до Општина Центар, дали до Советот на Град Скопје или до Собранието на Република Македонија! И „на тепка“ се одлучила тоа да го стори на адресата на Општина Центар, зашто локацијата на споменикот беше кај Судска палата или на крстосницата помеѓу булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“.
Арно ама, младиот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, одлучи да биде „поголем калиф од калифот“ и политички да поентира од барањето на скопската градоначалничка. Па, наместо да се држи до причините поради кои споменикот беше отстранет со одлука на претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, тој залута во чисти глупости.
-Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму, ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Град Скопје треба да се обрати до Собранието. Што се однесува до самиот споменик, во минатото институциите утврдија бројни законски прекршувања при поставувањето на истиот, меѓу кои и Законот за поставување на спомен обележја. Верувам дека институциите во однос на овој случај ќе постапат целосно според законот, бидејќи во минатото истиот предизвика многу контроверзии, објави Герасимовски и додаде дека во членот 4 од Законот е наведено дека со спомен-обележјата се одбележуваат настани и личности кои се од локално значење и дека само тие можат да бидат подигнувани од општините и од градот Скопје.
Не навлегувајќи во законските одредби, тврдењето на градончлникот на Општина Центар е максимално спорно од најмалку две причини.
Прво, да се тврди дека Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење е исто како да се тврди дека Гоце Делчев нема никаква врска со Општина Центар, со Скопје и со Република Македонија!
Ај Герасимовски нека му се јави на неговиот сопартиец и колега, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и да го праша какво локално значење за овој град имаат Гоце Делчев и Андон Лазов-Ќосето и со што го заслужиле заедничкиот споменик во струмичкиот Градски парк, па можеби работите ќе му станат појасни.
Во паркот во Струмица, во истиот парк во кој се наоѓа и споменикот на Благој Јанков-Мучето, што стана симбол на брусилка-историјата и на ретуширање на македонското минато, стои спомен-композиција Споменик на грабнатото бекче, посветен на Гоце Делчев, Ќосето и на Назлам-бег, син на струмичкиот бег. Гоце како идеолог на Македонската револуционерна организција и Ќосето како претставник на револуционерната полиција, соочени со недостиг на финансиски средства, во 1897 година одлучиле да го киднапираат синот на бегот, со цел да добијат пари за неговиот откуп. Во грабнувањето учествувале уште и Доне Лазаров, Петре Кончалиев и други револуционри.
Споменикот е дело на академскиот ликовен уметник Борис Крстевски и е подигнат во 1978 година, по повод 75-годишнината од Илинденското востание.
И по која (анти)логика Андон Јанев-Ќосето е заслужен за споменик во Струмица, ама не и за Скопје, посебно не за Општина Центар?! Ако се тргне од толкувањето на „центарскиот“ градоначалник, Ќосето може да биде од локално значење само за Општина Велес, зашто бил роден во велешкото село Голозинци!
Второ, според истата (анти)логика на истиот градоначалник, каква врска со Општина Центар и какво локално значење имаат, на пример, спомениците на св.Климент, св.Наум, цар Самоил, Воинот на коњ, Олимпија, Филип, на Гемиџиите, на основачите на ВМРО, на Никола Карев, на АСНОМ, на…?! Или сите треба да се урнат во стил на новокомпонирани социјалдемократски македонски талибанци?!
Ајде јуриш социјалдемократски талибанци, удрете врз спомениците!
Comments are closed for this post.