Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Конгресот на САД, конгресменот Елиот Енгел в недела ќе престојува во работна посета на Македонија во рамки на неговата турнеја по земјите од регионот.
Како што најавија од собраниската прес-служба, конгресменот Енгел за време на престојот ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Енгел заедно со конгресменот Мајкл Мекал, кој е член на Комисијата за надворешна политика, на 6 февруари годинава упатија писмо до администрацијата на претседателот Доналд Трамп со барање да го поддржи членството на Северна Македонија во НАТО. Во писмото адресирано до државниот секретар Мајк Помпео, двајцата конгресмени нагласуваат дека членството на нашата држава во НАТО ќе помогне да се обезбеди стабилност и мирот на Балканот.
Со донесувањето на Северна Македонија во НАТО, значителна корист ќе има не само Северна Македонија и Грција туку и Соединетоте држави и другите членки на Алијансата. Важно е и дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе ѝ помогне на Алијансата да ги одбие руските злонамерни активности на Балканот, каде што Владимир Путин сака да предизвика нарушувања и раздор“, напишаа двајцата конгресмени во писмото кое е упатено истиот ден кога 29-те земји члнеки на НАТО го потпишаа договорот за пристапување на нашата земја, со што се отвори патот да станеме 30-та земја членка на Алијансата.
Инаку, американскиот конгресмен вчера го посети Прешево, на југот на Србија, каде се сретна со претседателот на Општината Шчиприм Арифи, и во таа прилика за Гласот на Америка и Радио Слободна Европа изјави дека „не ја поддржува идејата за размена на територии“ и дека „напорите треба да бидат насочени кон постигнување долгорочен мир помеѓу Косово и Србија“.
Comments are closed for this post.