Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за безбедност и Агенцијата за разузнавање на денешната седница го прифати предлогот на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз со кој се бара од надлежните институции да достават Информација за софистицираните системи Пегасус и Предатор, посебно за нивното производство, продажба, користење и можни злоупотреби.

Во информацијата покрај другото треба да се опфатат и следните елементи – кои фирми се вклучени во производството и продажбата на системите, дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти. Потоа дали и која институција ги штити граѓаните од злоупотреба на овие системи – рече Трајанов на седницата.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во однос на можното користење на софтверите, во април упатиле пратеничко прашање на што добиле одговор дека не е регистрирана употреба на софтверите од страна на институциите.

После ставањето на фирмата која го произвела софтверот на црната листа, САД и кажуваат на земјава дека тоа претставува закана за националната безбедност, меѓутоа ЈО на РМ се произнесува за ненадлежно. Практично, за некои странски држави производството на овој софтвер во нашата држава е закана за националната безбедност, а за нас очигледно дека нашите институции сметаат дека тоа не е. Тоа укажува на фактот дека свесно се употребува тој софтвер и се бега од вистината или пак несвесно се употребува, а институциите не се свесни дека таков софтвер имаме и дека нема капацитет за проследување на ваквите закани – рече Ковачки.

Се очекува во Информацијата да биде дадена и оценка за казнените мерки, односно дали тие обезбедуваат превенција или треба зголемување на казните при злоупотреба на системите.

Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, МВР, но и военото разузнавање и други институции, овие информации треба да ги достават до Комисијата за надзор над работата на АНБ И АР најдоцна до 18 август годинава.