Отсега на државен трошок ќе може да се прават шест ин витро оплодувања, наместо три како што беше досега, и тие се бесплатни за граѓаните, соопшти на 12 јули директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.

Измените на Законот за здравствена заштита на населението беа донесени на 10 јули во Собранието, на иницијатива на група пратеници во соработка со Министерството за здравство и ФЗО.

Биомедицинско потпомогнато оплодување( БПО), уште попознато како ин витро е процедура во која јајце клетката и сперматозоидот се спојуваат во лабораториски услови и оплодени се враќаат во телото на жената за да се предизвика бременост.

Постапката за ин витро како право првпат беше овозможена на товар на Фондот во 2008 година.

Првата измена е дека ин витро станува составен дел од основниот пакет за здравствена заштита. Се зголемува бројот на обиди на шест од постоечките три. Направени се и неколку измени во Фондот. Скратен е периодот на чекање за одобрување на документи од три месеци на две недели. Втората работа е намалување на администрацијата и воведување на дигитализацијата, комуникацијата со барателите е дигитализирана и ваучерот отсега ќе го добиваат дигитално. Досега се добиваше преку пошта и се случуваше да се изгуби.

Кога дојдовме како раководство затекнавме долга листа на чекање, комисијата работеше двапати неделно и сега листите на чекање се скратени на неопходниот минимум во зависност кое барање кога стигнува. Ова го кажувам за да објаснам дека правиме максимални напори за сите што сакаат да имаат ин витро оплодување, да биде завршено во колку што е можно пократок рок. Главното недоразбирање што го имаме е старосната граница што постои за ин витро со сопствени јајцеклетки. Тука старосната граница е 45 години, што е иста за старосната граница за посвојување деца. Ние преиспитуваме дали оваа граница е оправдана или не, бидејќи има мајки со витални јајце клетки и по 45-та година и јасна е желбата ако веќе се работи процедура на ин витро да биде со сопствени јајце клетки, вели за „Република“ Клековски.

Во Македонија нема статистички податок колку парови или колку жени не можат да добијат бебе по природен пат, затоа што таква евиденција не се води.

Меѓу факторите за неплодност, според лекарите, покрај медицинските причини се и одложување на раѓањата за после 30-тата година, стрес, загаден воздух, а има и значителен пораст на машка неплодност и на необјаснета неплодност.

Лани имало 1.495 барања за ин витро од кои 1.280 за прво дете, 195 за второ дете, 15 за трето дете и пет за четврто дете. Во осумте центри во земјава каде е тоа достапно реализирани се 1.106 интервенции, во најголем дел за прво дете.

Максимален износ од околу 93.000 денари за обид и за 1.106 реализирани БПО обиди се употребени 89.547.990 денари, соопштија од Фондот.

Процедурата ин витро на приватно чини меѓу две и три евра. Со увезени јајце клетки или сперматозоиди цената е од прилика двојно повисока. Се увезува од банки од Шпанија, Украина и Данска.

Директорот Клековски најави и дека на скопската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) ќе се формира банка за репродуктивен материјал. За „Република“ вели дека ГАК мора да има силно ин витро одделение, бидејќи таа е едукативна установа.

Во мај, на ГАК почна со целосна реконструкција и модернизација на своите простории. Реновирањето опфаќа комплетна реконструкција на чекалните, амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети во вредност од 29 милиони денари. Дополнително, од почетокот на годината веќе се инвестирани 32,6 милиони денари во најсовремена медицинска опрема за микроинвазивна хирургија, што значително ќе ја зголеми ефикасноста и ќе го намали времето на чекање за хируршки интервенции.

Посебен фокус е ставен и на репродуктивната медицина. ИВФ лабораторијата, која по пауза од речиси четири години повторно започна со работа во ноември 2024, ќе биде целосно унапредена во модерен интегриран државен ИВФ центар. За таа цел, ќе бидат инвестирани дополнителни 28,2 милиони денари за нова инфраструктура, опрема и едукација на кадарот. Планот е овој центар да прерасне во регионален хаб и да носи приходи за Клиниката.

Целта е пациентките да добиваат здравствени услуги според највисоки светски стандарди, а нашата установа да стане пример за успешно модернизирано јавно здравство – порача раководството на Клиниката.

Лани, кон крајот на ноември, жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна. Мајката имала десет неуспешни ин витро оплодувања и десет спонтани абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на гинеколошката клиника во Скопје.

Наталитетот во Македонија е во слободен пад. Во 2024 година се родени 16.153 деца вкупно, од кои живородени се 16.061, а 92 се мртвородени, објави Државниот завод за статистика. Бројот на живородените деца во 2024 година е намален за 4 отсто во споредба со претходната година.

Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 31,8 % се живородени деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29,7 години, а на прворотките 28,2 години.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото и видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски