Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити со кои се ограничува годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити денеска доби поддршка во прво читање од Собранието на Република Македонија.
Како што образложи министерот за финансии Драган Тевдовски, со ограничувањето кредитокорисниците нема да плаќаат прекумерни трошоци на кредитите и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на кредитокорисниците кои имаат проблеми со отплата на кредитот. Законот ќе важи и за кредитите во износ помал од 200 евра во денарска противвредност, како и за кредитите за кои потрошувачот депонира предмет кај кредиторот.
Сега трошоците кои кредиторите ги пресметуваат и наплаќаат на одобрените потрошувачки кредити како провизии, надоместоци и слично, не се ограничени, што има дава можност да пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрување на потрошувачките кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за мали кредити, односно т.н брзи кредити. На тој начин голем број од граѓаните имаат потешкотии при отплата на кредитот и најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот, рече Тевдовски.
Пратеникот од ГРОМ Панчо Минов најави дека ќе иницира законот, покрај за потрошувачките, да се однесува и за станбените и деловните кредити за кои банките бараат обезбедување, а неговиот колега од Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски најави амандмани во последната фаза од носење на законското решение.
Сметам дека оваа иницијатива ќе биде прифатена од Министерството и ќе биде основа да се размислува пошироко за ова прашање кое е регулирано во сите европски држави, односно максималната висина на сите трошоци, како камати, провизии и други надоместоци, да важат за сите кредити, рече Минов.
Пратениците ги поддржаа и предложените измени и дополнувања на Законот за студентски стандард во прво читање. Со нив се воведува нов тип на студентски стипендии за студенти запишани на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.
Според заменик-министерот за образование Петар Атанасов, целта е да се мотивираат завршените средношколци со постигнати високи резултати да го продолжат своето образование на факултети кои реализираат студиски програми за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.
Со предлогот е утврдено дека од вкупниот број стипендии кои ги доделува Министерството за образование и наука, 49 проценти се за студенти од социјалните категории, 30 проценти се за студенти со особен успех во учењето, 20 проценти се за студенти на природно- математичките, техничко-технолошкиете, биотехничките и/или медицинските науки, а еден процент за студенти запишани на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека е во ред да се стимулира идниот наставен кадар во државата, но, како што рече Трајчо Димков, треба да се најде друг начин без да се одземе процент од стипендиите за студенти од социјални категории.
Ова е чиста математичка манипулација, затоа што од вкупниот број стипендии, кој не се зголемува, 49 проценти се за студенти од социјални категории што значи дека од тие категории се крати еден процент. Станува збор за чист популизам од оние кои најмногу ветуваа за младите кога ќе дојдат на власт, рече Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ.
Реплицирајќи, пратеничката Лидија Спасевска од СДСМ негираше дека се работи за популизам и оти се крати од социјалните категории.
Квалитетни стручни мотивирани наставници не се добиваат преку инстант решенија, туку преку константен процес на кој ќе се работи во континуитет, рече Спасевска.
Таа дополни дека со Буџетот за годинава за трипати се зголемува износот на социјалната помош и оти се неосновани тезите дека се крати од социјално ранливите категории.
Comments are closed for this post.