Наместо Секретаријатот за Раковен договор ќе се формира ново Министерство за политички систем и односи на заедниците. Оваа точка е ставена на дневен ред на собраниската седница на 14 март. Секретаријатот досега го водеше Хазби Лика, како министер без ресор.
Како што образложуваат предлагачите, целта на овој закон е да се унапреди функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковниот договор и принципите кои произлегуваат од овој Договор како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците.
Со оваа измена се овозможува и реорганизација, унапредување и дефинирање на надлежностите и работата на повеќе органи на државната управа и на Владата на Република Северна Македонија, кои во своите надлежности извршуваат работи кои се однесуваат на политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковниот договор и принципите кои произлегуваат од овој Договор како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Македонија, во едно ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците-се наведува во предлог законот.
Според процедурата, Собранието на предлог на премиерот во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе избере министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и ќе именува заменик на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците.
На предлог законот како предлагачи се потпишани пратениците Артан Груби, Зеќир Рамчиловиќ, Панчо Минов, Јован Митрески, Џеват Адеми, Ејуп Алими и Реџаиљ Исмаили.
Comments are closed for this post.