Прифаќањето и ратификацијата на Договорот од Преспа, и во Македонија и во Грција, според меногу нешта, се одвиваше речиси идентично. И тука и таму опозицијата се спротивставуваше, и тука и таму мнозинството граѓани беа против (кај нас на референдум, кај нив според анкетите), и тука и таму власта го дистрибуираше договорот до граѓаните, и тука и таму гласањето во парламентите го „спасуваа“ пратеници од различни партии, кои се прогласија за независни, и тука и таму тоа беше проследено со сомнежи за политички клиентелизам… Разликата беше само во бројките. Тука беа осуммина, а таму шестмина.
И нивните шестмина собраа храброст, па побараа во иднина нивните гласови да се бројат заедно со гласовите на пратениците од владејачката Сириза за законите, што во иднина ќе ги носи владата и за кои ќе биде потребно владино мнозинство, со што ќе биде избегнато гласање со прозивање на пратениците. И тоа го сторија официјално, со писма испратени до претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис. Сепак, според нивното образложение, ова не значи дека тие автоматски и се приклучуваат на пратеничката група на Сириза, зашто дел од нив остануваат и понатаму независни пратеници, а дел членови на Независни Грци, кои до вчера беа дел од владејачката коалиција.
Покрај толкуте сличности, може ли да се случи и оваа да биде „пресликана“ и кај нас? Па, нашите независни пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ да испратат писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кое ќе го информираат дека нивните гласови во иднина треба да се бројат заедно со гласовите на пратениците од владејачкиот СДСМ. Чисто заради континуитет во сличностите и комплетирање на сликата за опозициски и владини пратеници!
Comments are closed for this post.