Пратеникот Александар Кирацовски преку фејсбук статус порачува Обвинителството да го повика секој, кој има макар и една слика со било кој од обвинетите во „Рекет“, за како што вели да го провери контекстот и да ги расчисти дилемите во јавноста.

„Очигледно, истрагата околу случајот „Рекет“ се одвива длабински, сеопфатно и транспарентно. Овој процес ќе ја потврди вистината и ќе ја сузбие лагата и шпекулациите. Криминалците ќе бидат изведени пред лицето на правдата, одговарајќи за стореното. Но, кон овој случај, неопходно е Обвинителството да пристапи и низ општественото огледало кое претежно го креираат политичките напади и инсинуации, лажните вести и конструкциите“, пишува Кирацовски.

Според него овој скандал е доказ дека правната држава функционира и е шанса преку истиот да се врати довербата во институциите и правосудниот систем.

Инаку Кирацовски пред неколку дена  собраниска расправа за изборот на новите министри во владата, побара да неговите колеги од опозицијата да престанат да ја спомнуваат аферата „Рекет“.

„Дај престанете еднаш веќе со таа афера. „Рекет“ па „Рекет“! “, рече Кирацовски од собраниската говорница.

Фросина Ременски и Александар Кирацовски беа најспоменуваните имиња од редовите на СДСМ за можна вмешаност во случајот „Рекет“. И двајцата неодамна беа разрешени од функцијата потпретседател на СДСМ.