Јунскиот самит на лидерите на земјите членки на ЕУ е фокусот на дипломатските и политичките напори на Скопје да обезбеди поддршка од Софија за одржување на првата меѓувладина конференција и формален старт на пристапните преговори. Во прилог одат и заедничкото патување и посета на Рим и Ватикан на претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Румен Радев минатата недела, како и најавените погранични средби кои оваа седмица треба да ги одржат премиерите и министрите за надворешни работи во контекст на бугарска донација за вакцини против Ковид-19.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи очекува во наредните денови да има таква средба и на ниво на премиери и на ниво на министри со цел да се договори една динамика да може да се адресираат прашањата коишто ја засегаат бугарската страна, а се во рамки и на предлогот на Португалското претседателство. Тој останува на ставот дека јуни ќе биде клучен за процесот, независно што, вели, не сака да ги подига очекувањата на граѓаните.