По повод Светскиот ден на театарот кој секога година се одбележува на 27 март пораки испратија светскиот театарски режисер и драмски автор Карлос Селдран и македонскиот драмски автор Југослав Петровски.
Селдран, кој е автор на светската порака, вели дека театарската традиција е хоризонтална и никој не може да потврди дека театарот живее во било кој центар од светот, во било кој град или привилегирана зграда. Театарот, додава Селдран, се шири низ една невидлива географија.
Кога сфатив дека театарот е држава сама за себе, голема територија која го покрива целиот свет, во мене се роди една решителност која исто така беше и едно остварување на слободата: ти не мораш да одиш некаде далеку, ниту пак да се поместиш оттаму каде што си, не мораш ниту да трчаш, ниту пак да се придвижиш. Публиката е онаму каде што живееш ти. Ги имаш на своја страна колегите кои што ти се потребни. Таму, надвор од куќата, ја имаш целата таа матна, непробојна дневна реалност. Потоа, ти работиш од таа очигледна неподвижност за да го формираш најголемото патување воопшто, да ја повториш Одисејата, патувањето на Аргонаутите; ти си неподвижен патник кој не прекинува да ја забрзува густината и ригидноста на својот реален свет. Твоето патување е пат кон мигот, кон моментот, кон неповторливата средба пред твоите врсници. Твоето патување е кон нив, кон нивното срце, кон нивната субјективност. Ти патуваш во нив самите, во нивните емоции, во нивните сеќавања кои те будат и те мобилизираат, истакнува Селдран во пораката.
Авторот на македонската порака оценува дека театарот се уште не е мртов, но оти од ден на ден полека умира бидејќи недостига катарзата.
Најдобра театарска претстава е онаа претстава што на крајот, секој од гледачите, дома, во себе, ќе си понесе сосема поинаков „петти елемент“. Што би значело дека најдобра претстава е онаа кога секој дома ќе си замине со потполно различна, само своја катарза, само свој „петти елемент“, порачува Петровски во својата порака.
Светскиот ден на театарот се одбележува секоја година на 27 март кога пред изведување на претставите насекаде во светот се читаат светската и националната порака за значењето на театарот.
Comments are closed for this post.