Овој чекор на ЕСЧП како дел од процесот низ кој очекувам да се констатира повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права односно повреда на Правото на правично судење, го гледам како еден логичен след на настаните. Од самиот почеток на постапката за овој предмет пред македонските институции, за оние кои сакаа да бидат објективни беше очигледно дека во него не постои кривично дело (кое како такво е предвидено во Кривичниот законик) и аналогно на тоа дека не треба воопшто да се води постапката. Сепак под притисок на една силна пропагандна машинерија, во услови на јавен линч и стигматизација кон обвинетите постапката се поведе. Но кога веќе таа постапка започна, исто така беше очигледно дека се води на еден брутален начин, надвор од сите процесни правила, изјави во интервју за МИА д-р Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи која одлежа казна затвор во случајот „Тенк“ за набавка на блиндиран мерцедес.

– Судот наместо независен арбитер беше партнер и консултант на обвинителството и дејствувајќи заеднички тие беа цврсто одлучени по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите, така што судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права, вели Јанкулоска.

Обвинителите од СЈО и одредени одбрани судии од кривичниот суд, додава поранешната министерка, „ставени во функција на реализација на една политичка агенда која од денешнава временска дистанца е целосно демаскирана, беа недопирливи и можеа да прават се што ќе наумеа или можеби попрецизно би било да кажам се што им беше побарано“.

Препознавањето на сите повреди на правото на правично судење од страна на ЕСЧП Јанкулоска го смета за лична сатисфакција, но и еден вид сатисфакција за сите жртви на политички прогон. Во случај на успешно завршување на постапката пред ЕСЧП очекува повторување на постапката, правично судење, а евентуалното материјално обештетување не го гледа како примарна цел и за неа тоа е прашање од второстепено значење. Сатисфакција, нагласува, за неа ќе претставува и поднесувањето на одговорност од страна на главните актери кои биле „вклучени во политичкиот прогон, за да не дозволиме како општество, преку неказнивост на злоупотребите, вакви прогони да се случуваат и во иднина“.

– За жал, за претрпените трауми за мене и моето семејство на личен план, за последиците на професионален план и најмногу за изгубеното време и годините кои мојот син неправедно ги помина без мајка, не постои компензација. Тоа е неправда и штета која е непоправлива, а последиците се трајни, рече Јанкулоска.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме интервјуто со Јанкулоска:

Ова интервју го правиме неколку дена по објавата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој ја прифати вашата жалба и апликацијата ја помина првата фаза. ЕСЧП бара одговори од Владата во врска со судската постапка за случајот „Тенк“ во којшто бевте осудена и за што одлежавте казна затвор. Се спореше набавка на блиндирано возило што се користи и денес. Што за вас претставува овој чекор од постапката на ЕСЧП, која знае да трае неколку години?

– Овој чекор на ЕСЧП како дел од процесот низ кој очекувам да се констатира повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права односно повреда на Правото на правично судење, го гледам како еден логичен след на настаните. Од самиот почеток на постапката за овој предмет пред македонските институции, за оние кои сакаа да бидат објективни беше очигледно дека во него не постои кривично дело (кое како такво е предвидено во Кривичниот законик) и аналогно на тоа дека не треба воопшто да се води постапката. Сепак под притисок на една силна пропагандна машинерија, во услови на јавен линч и стигматизација кон обвинетите постапката се поведе. Но кога веќе таа постапка започна, исто така беше очигледно дека се води на еден брутален начин, надвор од сите процесни правила. Судот наместо независен арбитер беше партнер и консултант на обвинителството и дејствувајќи заеднички тие беа цврсто одлучени по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите, така што судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права. Обвинителите од СЈО и одредени одбрани судии од кривичниот суд, ставени во функција на реализација на една политичка агенда која од денешнава временска дистанца е целосно демаскирана, беа недопирливи и можеа да прават се што ќе наумеа или можеби попрецизно би било да кажам се што им беше побарано. Сите овие прашања постојано ги отваравме пред домашните институции и јавноста, но наидувавме на затворени врати. Во тоа време единствено Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и нејзиниот тогашен претседател Александар Даштевски беа на висина на задачата и констатираа дека во водењето на оваа постапка постои дискриминација по основ на пол и политичка припадност, што резултираше со јавни закани за негово разрешување од тогашните владеачки структури. Но и покрај се, не се откажавме, трпеливо и педантно ги документиравме повредите на Европската конвенција за човекови права и кога настапија законските услови, сето тоа беше преточено во апликацијата за која денес разговараме.

Владата односно Бирото при Министерството за правда треба да одговори на интересите на Европскиот суд за човекови права. Очекувате ли тука крајна коректност поддржана со докази, ако можам така да се изразам, или повторно треба да се биде особено внимателен за да не се пропушти некој важен момент?

– Внимателен треба да се биде секогаш, сепак ова е специфична правна материја каде што секој збор може да ја смени суштината. Доколку владиниот агент од Бирото за застапување пред ЕСЧП се држи до професионалната етика треба да постапува објективно и ефикасно, што впрочем се софпаѓа со моите очекувања. Имајќи во предвид дека се работи за предмет со само еден обвинет, чии списи не се сложени и обемни, сметам дека владиниот агент не само што може да го испочитува рокот за одговор даден од ЕСЧП без пролонгирање, туку дека со оглед на добрата аргументација и квалитетните докази во прилог на апликацијата има простор објективно да се произнесе во разумен рок пократок од оној кој го дефинирал судот.

Вашата крајна цел е доколку добиете позитивна одлука од ЕСЧП да се овозможи повторно судење и ваша комплетна рехабилитација. Ова е ваша семејна битка која уште долго ќе ја водите имајќи предвид дека вашиот сопруг е ваш личен адвокат и правен застапник. Дали може на некаков начин да се компензира неправдата што чувствувате дека сте ја доживеале и не можноста да добиете правично судење?

– Препознавањето на сите повреди на правото на правично судење од страна на ЕСЧП секако дека го сметам за лична сатисфакција, но и еден вид сатисфакција за сите жртви на политички прогон. Во случај на успешното завршување на постапката пред ЕСЧП очекувам повторување на постапката, правично судење, а евентуалното материјално обештетување не го гледам како примарна цел, за мене тоа е прашање од второстепено значење. Секако, сатисфакција ќе претставува и поднесувањето на одговорност од страна на главните актери кои беа вклучени во политичкиот прогон, за да не дозволиме како општество, преку неказнивост на злоупотребите, вакви прогони да се случуваат и во иднина. За жал, за претрпените трауми за мене и моето семејство на личен план, за последиците на професионален план и најмногу за изгубеното време и годините кои мојот син неправедно ги помина без мајка, не постои компензација. Тоа е неправда и штета која е непоправлива, а последиците се трајни.

Судскиот процес, пресудата, а потоа и одлежувањето на затворската казна опфати дел од она што за една жена е најважниот период во животот – остварувањето како мајка. Ве судеа во бременост, и тоа ризична бременост, отидовте во затвор а бебето го оставивте со татко му. Како би го опишале тој период сега?

– Мислев дека секогаш зборовите ако се внимателно одбрани, може да ја прикажат реалната слика, но за ова прашање едноставно не можам да ги најдам вистинските зборови кои ја отсликуваат бескрупулозноста, суровоста и целата голгота низ која поминавме јас и моето семејство. Што и да Ви одговорам ми звучи како ретуширана, подобрена верзија на реалноста. Во мојот случај еден период беше борба на живот или смрт (за мене и мојот син) во буквална смисла на зборот, но и периодот по неговото раѓање донесе нови предизвици. Во 7. месец од бременоста присуствував на рочишта кои траеја и повеќе од 10 часа, буквално од сабајле до вечер, за што впрочем имаше и извештаи со забелешки од НВО што во тоа време ги следеа судењата. Се инсистираше на одржување на рочишта во услови кога десетина лекари специјалисти укажуваа дека јас и моето тогаш сеуште неродено дете бевме во ризична и на некој начин животозагрозувачка ситуација (за што и ден денес во судскиот предмет постои медицинска документација и вештачења). На помалку од 24 часа од породувањето ми беше закажано рочиште, на кое не присуствував бидејки бев хоспитализирана во постоперативна состојба, и добив закани за присилно приведување и притвор, и што уште не. За овој период но и за периодот на издржувањето на казната, кога правата кои ги гарантира законот мене и на другите осуденички во иста правна положба не ни беше дозволено да ги користиме, за кои жестоко се борев и беа овозможени благодарение на мојата упорност и истрајност, може многу да се зборува, се е поткрепено со докази и аргументи. Впрочем и додека ја издржував казната затвор повторно реагираше Комисијата за заштита од дискриминација, која иако во комплетно различен состав од Комисијата предводена од Александар Даштевски, повторно утврди дека како осудено лице сум дискриминирана по основ на пол. Би се воздржала од изнесување на дополнителни поединости од причина што се крајно вознемирувачки за моите блиски но и за целата јавност, а да бидеме докрај искрени, еден дел од јавноста во најголем дел од овој период беше исклучително злонамерна и пакосна кон мене и моето семејство, што е посебен феномен кој заслужува социолошки истражувања. Ова беше исклучително тежок период и амбиент во кој ниту едно човечко суштество не заслужува да се најде. Во секое општеството мора да постојат минимум стандарди кои треба да се почитуваат без оглед за кого се работи. На стандардите посебно треба да се внимава кога се во прашање лица кои на некој начин спаѓаат во ранлива категорија, како што се бремените жени и мајките во периодот по породувањето. Во мојот случај никакви стандарди не беа почитувани, начинот на кој се постапуваше кон мене како да беше порака дека она што мене ми се случува може да му се случи на секого, доколку не се вклопува во очекувањата на тогашната владеачка елита, без оглед дали е виновен или не. Јас и моето семејство поднесовме многу малтретирања и неправди, но се чини дека се додека не се соочиме со некој предизвик не сме свесни колкава сила се крие во нас и што се човекот може да издржи.

Со што се занимавате денес? Како ви минуваат деновите?

– Мојот живот денес е надвор од јавната сфера, многу различен од животот кој го имав кога извршував државна функција и постојано бев пред очите на јавноста. На 50 годишна возраст сеуште ги откривам предностите на приватноста, ја одржувам интелектуала кондиција и интересите ми се во рамките на мојата професија. Најважно од се е што секогаш имам доволно време за семејството и блиските луѓе.