Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставил известување од јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кое го примил преку КПУ Затвор Скопје- Скопје.
„Во известувањето се наведува дека јавниот обвинител за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ги овластува јавните обвинители во тоа обвинителство кривичните предмети да ги предадат во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, соопшти Јавното обвинителство.
Во Јавното обвинителството на Република Северна Македонија, како што е наведено во соопштението, примено е и известување со барање информации од СЈО, во кое е приложено и доставеното полномошно.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија велат дека ќе ги разгледаат овие поднесоци, по што јавноста ќе биде известена.
Претпладнево специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во КПУ Затвор Скопје- Скопје како осомничена за случајот „Рекет“, дала полномошно сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство на РСМ. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.
Мандатот на СЈО истекува на 15 септември. Неговиот иден статус треба да се реши со новиот закон за ЈО кој е во собраниска процедура, но за него власта и опозицијата засега не можат да се усогласат.
Comments are closed for this post.