Поранешниот прв човек на Вардар, Михајло Михајловски најави дека постои можност да се спаси клубот од распаѓање и оти веќе разговарал со неколкумина бизнисмени и со Градот да се најде решение за гордост на Македонија и натаму да игра на врвно ниво.

Михајловски преку соопштение нагласи дека ги замолил играчите да не бараат нови клубови и оти во скоро време ќе се најде решение.

Ви го пренесуваме неговото соопштение во целост.

„Почитувани спортски пријатели и поддржувачи на РК Вардар,

Како почесен претседател на РК Вардар и долгогодишен спонзор кој веќе 31 година е инволвиран во спортот што е број 1 во Македонија тешко ги прифатив најавите дека клубот се наоѓа во тешка ситуација. Секогаш сум бил со клубот и секогаш сум сакал да биде во самиот врв. Затоа сакам што побрзо да се најде решение за натамошно опстојување на клубот и продолжување со успесите што ги постигна во изминатиот период.

Сакам на играчите на Вардар да им посакам среќа во реванш натпреварот од четврт-финалето на ЕХФ Лигата на шампионите и да се вратат во Скопје како победници. Така ќе покажат дека Вардар е македонски, но и европски бренд и по третпат по ред ќе игра на Ф4 турнирот во Келн, што досега не и успеало на ниту една европска екипа.

Изминатиот период добивав многу повици и молби за спасување на РК Вардар.  Имав и разговори на таа тема со 5-6 стопанственици, бизнисмени кои сакаат и можат да го помогнат РК Вардар.

Постои и големо разбирање и расположение кај Градот и надлежните спортски и владини институции за изнаоѓање решение за продолжување на успешната ракометна приказна што ја имавме изминатите години. Добив позитивни сигнали дека сите заеднички да најдеме решение и Вардар ќе продолжи да биде успешен клуб.

Се уште не сум се слушнал со г-дин Сергеј Самсоненко, но секако би сакал да поразговарам и да ги знам неговите планови за во иднина. Сакам да истакнам дека г-дин Самсоненко е најзаслужниот човек што Македонија доби европски првак во ракомет и редовен учесник во ЛШ во самата завршница. Кога пред шест години му го дадов клубот на г-дин Самсоненко на прес-конференција кажав дека најголемото засилување е токму тој. Тоа на моја среќа се оствари.

Г-дин Сергеј Самсоненко го постигна ова со клубот и сите треба да му дадеме признание за она што го стори. Само тој си ја знае вистината, а имаше минимална помош во изминатиот период од спонзорите. Во еден разговор со г-дин Едуард Кокшаров, спортски директор на РК Вардар го замолив да им пренесе на играчите и да ги замоли за трпение до 10 мај и да се воздржат од предвремено раскинување на договорите и давање на исписници.

Како долгогодишен спонзор убеден сум дека ќе се најде решение РК Вардар да опстане и да продолжи и понатаму да биде македонски првак, победник на СЕХА и редовен учесник во ЛШ.

Истовремено упатувам апел до сите компании кои сакаат Македонија да има и натаму европски тим да се приклучат кон оние што веднаш го препознаа квалитетот и брендот наречен РК Вардар.

Доколку успееме во намерата да се спаси Вардар, костурот од сегашната екипа треба да се задржи и да се обезбедат минимум 5-6 македонски репрезентативци или потенцијални репрезентативци и постепено да се создава и костурот на македонската репрезентацијата.

Верувам дека и во иднина ќе продолжиме да се радуваме на успесите на Вардар.