Кабинетот на министерот за здравство Фатмир Меџити одамна е дувло на непотизам. По принципот на непотизам исто така се вработува и кадар без соодветни критериуми и на скопските клиники, иако станува збор за врвни здравствени установи од терциерно ниво кои треба да се синоним за квалитет во здравствениот систем, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Директно во кабинетот на министерот за здравство работи ни помалку ни повеќе, туку сестрата на неговата сопруга. Покрај сестрата на неговата сопруга, во кабинетот работи и нејзиниот брат.
По примерот на останатите семејни лози кои се вработуваат, како ќерката на екс пратеничката Мира Дизел, синот на директорот на Клиниката за урологија и ќерката на директорот на Клиниката за очни болести, во кабинетот на Меџити е ангажиран како советник на министерот и близок роднина на Арбан Таравари, претседател на партијата од која доаѓа Меџити.
Непотистички стебла го урнисуваат и онака кревкото здравство, а Владата на СДС и ДУИ е одговорна за егзодусот на медицинскиот персонал, како и воопшто за лошата состојба во здравството.
Во меѓувреме, додека се долги и комплексни процедурите за медицинскиот кадар кој работи повеќе години со договор на дело, Меџити вработува и унапредува административен кадар во ова Министерство, со однапред наместени огласи и процедури кои се нетранспарентни и не соодветствуваат на потребите на секторот како здравството.
Главно за сите овие предизборни вработувања, унапредувања и наградувања во Министерството за здравство и пошироко во здравството, е дека помалку важниот коалициски партнер СДС, се задоволува со сооднос од 50% за вработувања на Македонци и 50% на административен кадар од ДУИ и Алијанса за Албанците.
Ваквите неадекватни политики, негрижата за кадарот и неговиот квалитет граѓаните ќе ги прегазат на изборите што следат, а здравствениот систем итно ќе биде рестартиран.
Comments are closed for this post.