Собранието на Република Македонија со 52 гласа „за” и два „воздржани” денеска ги усвои дополнувањата на Законот за пратеници, со кои на поранешниот премиер Никола Груевски ќе му се укине пратеничката плата.
Усвоеното законско решение предвидува ако пратеник е осуден со правосилна судска пресуда на казна затвор подолга од шест месеци, да го губи правото на исплата на плата, други лични примања и надоместоци на трошоци.
Законот ќе обезбеди подобрување на извршувањето на функцијата пратеник, како и нејзиното професионално вршење, стои во образложението на допнувањата што ги поднесоа пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Мухамед Зеќири од СДСМ, Горан Мисовски и Соња Мираковска од НСДП, Реџеп Мемеди од БЕСА и Реџеил Исмаили од ДУИ.
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиевски оцени дека законската измена е неуставна, што беше негирано од неговата колешка од НСДП Соња Мираковска која рече дека се надополнува празнина во Законот.
Поранешниот премиер Никола Груевски, според новите законски измени, ќе ја загуби пратеничката плата, бидејќи е правосилно осуден на две години затвор за набавката на луксузниот блиндиран мерцедес во предметот на СЈО „Тенк”.
Груевски веќе неколку месеци е во Унгарија, каде од тамошните власти експресно доби азил
Comments are closed for this post.