Поранешниот премиер Никола Груевски на својот фејсбук профил се огласи откако премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, тврдеше дека екс-премиерот избегал од земјава сокриен во багажникот на автомобил.
Груевски вели дека не му паднало на памет да бега скриен во багажник.
„Јас знам дека во животот на памет не ми паднало да влегувам во багажник за било какви цели. Вистината ја знае и Заев. Заминав бидејќи во Македонија се водеа политички мотивирани процеси против мене во кои што однапред се знаеја пресудите нарачани од него лично, иако не постоеја никакви правни аргументи, никакво сторено кривично дело а според тоа ни докази. Заминав бидејќи во затворот ми подготвуваа линч. Вистината е дека заминав многу лесно и едноставно, а тој пред некој ден потроши четвртина од емисијата за отчет говорејќи за мене и како сум заминал, со лажење и фантазирање. Па потоа почна да го лаже и светот преку меѓународните медиуми“, пишува Груевски.
Премиерот Зоран Заев во петокот во интервју за германски весник “Франкфуртер алгемајне цајтунг” рече дека експремиерот Никола Груевски избегал во Албанија скриен во багажник на автомобил.
„Знаеме како Груевски избега од земјата. Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, рече Заев.
Comments are closed for this post.