Портпаролот на грчката влада, Димитрис Цанакопулос го поздрави високиот процент на гласачите кои се определија „за“, на вчерашниот референдум во земјава, но изрази загриженост од слабиот одѕив, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Цанакопулос го оцени гласањето како позитивен развој за ратификација и имплементација на договорот од Преспа, но истакна дека Атина е загрижена што голем дел од македонските граѓани на договорот гледаат со скептицизам.

„Фокусот е сега ставен врз парламентот и ние се надеваме дека иницијативата на владата на Заев за уставните реформи ќе даде резултат“, додаде портпаролот на грчката влада.

Тој истакна дека владата во Атина продолжува да ја промовира импелемтацијата на договорот. Цанакопулос е дециден дека можноста за решавање на долготрајниот спор за името меѓу Атина и Скопје не треба да биде пропуштена и посочи дека грчките власти се флексибилни во однос на крајниот рок наведен во текстот на спогодбата.

Главната загриженост на Грција, како што рече, се однесува на усвојувањето на уставните измени, а не на исполнувањето на роковите.