Во текот на посетата на Лондон и Велика Британија меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев оствари повеќе билатерални средби.

Ѓорчев се сретна со Грег Хендс, пратеник од редовите на конзервативците и поранешен министер за Лондон во владата на Тереза Меј. Ѓорчев оствари средба и со Ендрју Розиндел, пратеник од Конзервативната партија на Велика Британија во изминатите 18 години.

Исто така, Ѓорчев се сретна со Кристијан Катнер, генерален секретар на ИДУ од редовите на ЦДУ/ЦСУ од Германија. ИДУ е најголемата глобална организација на десниот центар со 73 партии членки од целиот свет каде што ВМРО-ДПМНЕ е рамноправна членка.

На средбите Ѓорчев ги информираше соговорниците за состојбите во Македонија, како и за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ околу случувањата во земјата.

Ѓорчев особено ги подвлекол влошените економски состојби, проблемите со слободата на медиумите и политичкиот прогон, партизацијата на институциите и бројните проблеми кои резултираат со масовно иселување од државата, особено на младите луѓе.

Воедно, Ѓорчев истакнал дека Македонија и Велика Британија имаат одлични политички и економски односи, како сојузници и пријателски земји. Ѓорчев додаде дека двете земји имаат солидна и силна воена соработка во рамките на НАТО алијансата и мисиите.

На крајот, Ѓорчев ја нагласил долгогодишната соработка на ВМРО-ДПМНЕ и Конзервативната партија на Велика Британија и Вестминстерската фондација за демократија (ВФД), како модел за партнерски однос и доверба.