Нема препорака да се мешаат вакцините. Како за првата доза истиот производител треба да биде и за втората доза. И тоа се официјалните препораки на сите производители. Немаме официјална препорака дека може да биде вакцина од еден тип за прва доза и друг тип за втора доза, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека сè уште нема точни датуми за пристигнувањето на вакцините „Спутник“ и на „Синовак“.
– Вчера разговарав со рускиот амбасадор и тој зема обврска во текот на денот да контактира со Институтот во Москва и да даде повратни информации. Најавата за пристигнувањето на вакцини од „Синовак“ е за првите десет дена од месецов, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Светскиот ден на детето во дворот на Детската клиника.
Тој нагласи дека имунизацијата нема да запре, вчера пристигнаа вакцини од „Фајзер“ кои се дистрибуираата, а во текот на неделава очекуваат и други вакцини да стигнат од Бугарија и Грција.
– Сè уште има бројка на граѓани кои се над 60 години и не се вакцинирани. Има околу 42 проценти вакцинирани од вкупната популација над 65 години. Со кампањата очекуваме уште поголем број граѓани да се пријават за вакцинација. Не се се уште сите вакцинирани и тие вакцини нема да бидат неискористени. Не ги креираме препораките и ставовите кој со која вакцина треба да се вакцинира врз основа на тоа што е располжливо како тип на вакцина, туку врз основа на стручните препораки. Додека не сме сигурни дека е безбедна вакцина согласно сите случаи кои се пријавуваат за компликации за помлади од 60 години тоа ќе остане така, рече Филипче.
Тој посочи дека случаите со Ковид-19 во последните денови не се во тешка состојба.
– Тешките случаи со Ковид-19 се заостанати од претходно. Бројот на нови случаи се намалуваат. На Инфективната клиника 40-тина пациенти беа останати во одделите за интензивна нега, најтешките пациенти од другите болници се трансферирани во Скопје и тој број е во опаѓање што е индикатор кој укажува дека целата епидемија спласнува, додаде министерот Филипче.
Comments are closed for this post.