Министерот за здравство д-р Венко Филипче, денеска во изјава за медиумите информираше за состојбата со ковид-19 вирусот, капацитетите со слободни кревети во јавно-здравствените установи, тестирањата и информации околу денешната посета во Софија, Република Бугарија за донација на вакцини против ковид-19.
Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје и оваа недела продолжува падот на сите бројки и индикатори кои ги следи институтот во целиот овој изминат период.
Имаме намалување за 16,9% на новозаболени во последните 7 дена, процентот на позитивни од тестирани лица бележи пад за цели 5% колку што бележи пад и процентот на починати лица. Се намалува бројот на пациенти кои се хоспитализираат во болниците. Анализата за последните две недели покажува дека се намалува бројот на хоспитализирани пациенти и во скопските болници и клиники, како и во болниците низ државата. Во првата недела од декември имало 890 хоспитализирани пациенти, денеска бројката е 629, потенцираше Филипче.
Во Прилеп, Охрид Куманово и Струмица денес бројот на хоспитализрани пациенти е значително помал во однос на почетокот на декември. И во ковид центрите во Скопје, има константна и стабилна бројка на приеми со тенденција на намалување.
Во однос на тестирањето, има се повеќе слободни термини за тестирање за Ковид 19, притисокот се намалува.
Во втората и третата недела од декември намален е и бројот на тестирања, како во државните така и во приватните лаборатории.
Ако во целокупниот изминат период просекот на исполнување на термините беше истиот ден кога тие ќе беа објавени, сега и во текот на истиот ден има термини кои се слободни, односно не закажани. Во анализата за втората и третата недела од декември се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100% повеќе тестови од приватните лаборатории, а воедно се забележува и зголемување на бројот на тестови секоја недела во државните лаборатории, рече Филипче.
Утрово, министерот Филипче беше во посета на Република Бугарија каде присуствуваше на владината седница на покана на премиерот Бојко Борисов и министерот за здравство Костадин Ангелов.
Ние интензивно разговаравме изминатите неколку недели. Имаме добри вести, а тоа е дека Бугарија како донација ќе оддели слободна количина на вакцини од секоја количина којашто таа ќе почне да ја добива преку сите форми на договори коишто ги направиле со компаниите. Изразив голема благодарност. Истакнавме заеднички дека оваа криза ја поттикна и солидарноста, и покажа и докажа дека само заеднички можеме да ги решаваме проблемите и да ги надминеме сите предизвици. Покрај Бугарија која на овој начин даде поддршка, таква најава имаме и од Грција и Полска, информираше Филипче.
Тој, упати и апел за почитување на мерките за спречување на ширењето на ковид-19 вирусот.
Пред нас следи многу убав период околу новогодишните празници, меѓутоа ние имаме многу тешка година зад нас и искрено верувам дека следната ќе биде многу подобра. Сакам да апелирам да во вакви услови, ситуација кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира, да не направиме ништо да истата сега се влоши. Апелирам да се празнува одговорно, во кругот на семејството, без групирање, со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки. Се покажа дека сите овие досегашни протоколи и мерки беа добро димензионирани и го дадоа резултатот, како што се очекуваше. Тие се димензионирани така да не се спречи слободното движење и работа имајќи предвид колку е тоа тешко за сите нас. Апелирам во следните две до три недели сите да бидеме крајно внимателни. Има некои позитивни придвижувања, ќе видиме дали е тоа почеток на крајот на епидемијата и затоа не смееме да ризикуваме уште еден силен бран, истакна Филипче.
Comments are closed for this post.