Бројни содржини и мноштво различни едукативни вежбовни активности за различни возрасни категории ќе содржи Европската недела на мобилност 2019, што официјално започна денеска под мотото „Пешачи со нас“, а ќе трае до 22 септември.
Како што информира претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева која ја потпиша пристапницата за започнување на Европската недела на мобилност 2019 целта е поттикнување на граѓаните активно да се вклучат во локалниот живот, да ја практикуваат својата одговорност и делотворност кон животната средина.
– Реализирањето на целите на граѓаните не само што ќе им овозможи да ја осознаат својата улога во општеството, туку ќе им донесе и драгоцени полезни последици: зачувување на своето здравје и поради поздравата животната средина и поради секојдневното движење, пешачењето и возењето велосипед, рече Јанчева.
Таа потсети дека не е мал бројот на луѓе кои во текот на денот малку се движат, денот го поминуваат во седечка положба на своите работни места, пред малите екрани или во сообраќај. Овогодинашната кампања, како што рече, оди во насока на промена на начините на размислувањето и навиките на локалното дејствување и движење потврдено преку комбинирање на пешачење, возење велосипед и користење на јавен транспорт.
Јанчева ги повика граѓаните в четврток, на 19 септември, на улицата Димитрие Чуповски во Центар, која попладнето ќе биде затворена за сообраќај, да бидат дел од вело фиестата, да се дружат и забавуваат. На 20 септември ќе се одржи и традиционалното велосипедско дефиле по градските улици кое ќе започне од новиот парк Ибни Пајко.
Годинава, Град Скопје преку секторот за заштита на животната средина ја реализира Европската недела на мобилност 2019 во соработка со Македонскиот зелен центар, а партнери се Канцеларијата на ЕУ во Република Северна Македонија, како и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Одговарајки на новинарско прашање, таа рече во тек е постапката за реконструкција на простриите на јавното претпријатие „Лајка“.
Comments are closed for this post.