Во пораст е бројот на жени, особено на помлада возраст, кои имаат кардиоваскуларни заболувања. Една од три жени умира од кардиоваскуларни заболувања. Во насока на подигнување на свесноста за чести превентивни кардиоваскуларни прегледи и кардиоваскуларен скрининг се спроведува акцијата „Црвен аларм за женското срцево здравје“ во рамки на која на Универзитетската клиника за кардиологија се вршат прегледи и од 15 прегледани жени една веднаш е задржана на Клиниката, а кај пет биле откриени висок притисок и зголемени маснотии во крвта.
Ова денеска на Клиниката за кардиологија го истакнаа сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска и директорот на таа јавна здравствена установа, Жан Зимбаков.
Ѓоргиевска денеска на Клиниката се вклучи во акцијата заедно со сопругите на амбасадорите на Катар, Бугарија, Унгарија, Украина, Италија, Нада ал Саади, Билјана Ангелова, Сузана Диксне, Наталија Задорожњук, Де Фуриа Ромео, како и сопругата на евроамбасадорот Самуел Жбогар, Маја Жбогар, на кои им беа извршени прегледи.
– Акцијата ќе трае до 1 февруари. Би сакала да апелирам жените на која било возраст да отидат во нивните семејни амбуланти и да извршат скрининг, односно проценка на ризикот за појава на кардиоваскуларни заболувања. За жал, иако сметаме дека карциномот на дојката е еден од најголемите убијци на жените, смртноста од кардиоваскуларни проблеми е драстично поголема. Ако смртноста од карцином на дојка е еден спрема 31, смртноста од кардиоваскуларните заболувања е еден спрема три. Затоа би ги замолила сите жени кои можат да отидат кај општите лекари, рече Ѓоргиевска.
Посочи дека во моментов акцијата се спроведува во регионот на Скопје и околината и ако се процени дека има потреба, таа може да се прошири во цела држава.
Веќе има ефекти од кампањата. Досега се направени прегледи на 15 жени од кои кај една е најден голем ризичен фактор и е хоспитализирана, а дополнителните прегледи се закажани во наредните недели, додаде Ѓоргиевска.
Директорот на Клиниката, Зимбаков рече дека од 15-те млади жени на кои им се извршени прегледи кај пет се најдени мајорни ризик фактори со препорака за медикаментозен третман.
– Има голема заинтересираност, ќе ја продолжиме акцијата и со поконкретни резултати ќе излеземе по неколку месеци. Кардиоваскуларните заболувања се осум пати поголема причина за смртност кај женската популација отколку карциномот на дојка. Ја организиравме акцијата со цел да ја подигнеме свеста за кардиоваскуларните болести кај жените. Нашата препорака е физичка активност, намалување на телесната тежина, внесување соодветна исхрана…Еден од факторите за кардиоваскуларни заболувања е и стресот, додаде д-р Зимбаков.
Освен на Клиниката за кардиологија, прегледи и разговори за ризиците од ова заболување претходно беа извршени и во ПЗУ Вита Катерина во општината Сарај, која е вклучена во акцијата.
Comments are closed for this post.