Седницата на собраниската Комисија за култура беше прекината затоа што нејзините членови не се согласија дали треба на самата седница да се прифатат дополнителни предлози кои петчлената работна група не ги ставила во Предлог-програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2019 година, особено предлози кои не ги исполнуваат ниту нејзините критериуми.
Полемика предизвика инсистирањето на пратеничката од ДУИ Мирсада Емини Асани во Програмата да влезе и стогодишнината од смртта на Исмаил Ќемали, политичар и преродбеник од Албанија кој, рече таа, прв го развеал знамето на Албанија во Валона и е значаен за Албанците на Балканот.
Претседателката на собраниската Комисија за култура Ирена Стефоска рече дека предлогот не го исполнува критериумот значајна личност за историјата на Република Македонија затоа што неговата активност не се поврзува со нашата земја.
-Нема никаков проблем за угледот, личноста и делото за националната историја на Албанците на Балканот. Можеби стоте години ќе ги одбележат некои општини или училишта, но овде разговараме за Собранието на Република Македонија како дом на сите граѓани и се обидуваме да ги најдеме и да се потсетиме на личностите и настаните врзани со историјата на Македонија. Не се спорни неговиот лик и дело, но согласно постојните критериумите ние не можеме да го прифатиме, рече Стефоска.
Предлогот не беше прифатлив ниту за пратениците Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ и за независниот Ферид Мухиќ. Лашкоска рече дека мора да се почитуваат законите и одлуките на Собранието на РМ кои, рече, сведоци сме дека сè повеќе се кршат. Посочи и дека донесувањето на Програмата доцни и треба итно да се изгласа.
Мухиќ рече дека за промена на критериумите може да се пристапи за следната година, а дека денеска треба да се разгледува веќе подготвената Предлог-програма. Посочи дека и другите етнички заедници имаат свои значајни линости кои не се родени во Македонија и дека ако се прифаќаат, тогаш во иднина ќе треба да се менува и самиот назив на програмата.
Сепак, седницата беше прекината кога и други членови се јавија со предлози за годишнини што не стигнале до работната група. Иако рокот за доставување предлози е поминат и програмата веќе требаше да биде донесена на крајот на 2018-та, членовите на Комисијата за култура решија да ја одложат седницата за да се договорат како да постапат со новите предлози.
Предлог-програмата содржи 51 предлог. Беше дополнета со уште еден прифатен на денешната седница, поради превид испуштен од работната група иако ги исполнувал критериумите: 175 години од антиосманлиското востание на Дервиш Цара. На повикот за предлози одговориле 39 од 126 институции, кои до комисијата испратиле вкупно 179 предлози.
Стефоска соопшти дека доцнат со донесувањето на програмата затоа што во последните три месеци пратениците биле зафатени со седниците за уставните измени.
Comments are closed for this post.