Клиниката за детски болести во Скопје доби два апарата за механичка вентилација во домашни услови. Со нив, пациентите ќе може наместо во болница да престојуваат во домашни услови. Медицинската опрема е наменета пред се за пациенти со церебрална парализа во поодмината фаза, како и за пациенти со невромускулни заболувања.
Апаратите се донација од спортските обложувалници „Моцарт“, а средствата за набавка на оваа медицинска опрема се собрани преку кампањата која за време на Светското фудбалско првенство 2018 се одвиваше на сите уплатни места на обложувалницата. Цената на еден ваков апарат е околу 550 илјади денари.
За време на акцијата беа собрани вкупно 1.023.596 денари кои беа искористени за да се купи опремата што ја договоривме со Детската клника. Вкупната вредност на опремата е 1.085.600 денари така што дополнителните околу 60 илјади денари колку што недостигаа за да се купи опремата, ги обезбеди „Моцарт“, изјави денеска маркетинг директорот во „Моцарт“, Васко Илијевски при примопредавањето на донацијата.
За директорката на Детската клиника Катерина Ставриќ, со набавката на двата апарата ќе им се овозможи на пациентите со церебрална парализа во термална фаза и на пациентите со мускулни заболувања пократко да престојуваат на одделот за интензивна нега и респираторната поддршка да ја вршат во домашни услови наместо во болница.
Comments are closed for this post.