Отстранет е проблемот со алармниот систем во Кривичниот суд поради што беше пролонгиран почетокот на судењата за „27 април“ и за „Монструм“.

Основниот суд Скопје 1 – Скопје, соопшти дека во утринските часови во новата зграда на судот беше пријавен проблем со алармниот систем за кој по извршена проверка се утврди дека се работи за технички проблем кој за помалку од 20 минути беше остранет.

Заради проверка на системот судењата за предметот поврзан со настаните од 27 април 2017 година кои се случија во Собранието на Македонија, како и судењето за предметот од обвинителството означен како „Монструм“ кои беа насрочени во 10:00 часот започнаа со задоцнување за кое странките беа благовремено известени, а судењата во овој момент се одвиваат без никакви проблеми, се наведува во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Поради вклучувањето на алармот, привремено беше прекинато снабдувањето со струја во судот, а вработените, обвинети и нивните бранители, како и новинарските екипи кои беа дојдени да ги следат рочиштата, чекаа пред судската зграда да се отстрани проблемот.

На влезовите во Кривичниот суд беа залепени известувања дека поради технички проблеми судењата се одложени по 11 часот.