Немам конкретна цел да искачам уште некој врв, бидејќи со освојувањето на 14-те врвови над 8.000 метри, на некој начин тој животен круг ми е затворен и тоа е перфектен круг. Меѓутоа, во животот има една друга работа, а тоа е никогаш не вели никогаш, вели академик Сашко Кедев, кардиолог и алпинист.

Кедев е првиот Македонец кој успеал да се искачи на сите 14 врвови повисоки од 8. 000 метри надомрска височина и сите највисоки врвови на седум континенти. Во 2009 година се искачил на Монт Еверест, а останатите 13 успеал да ги освои за помалку од четири години. Оваа година, во третиот обид успеал да го искачи врвот Канченчунга. Последниот врв кој го освои беше Гашербрум 1 во Пакистан.

Јас по 2009 година, кога го искачив Еверест бев сигурен дека нема да влезам во зоната на смртта над 8.000 метри. Симнувањето беше посебно тешко, сметав дека е добро што го преживеав, нема шанса повторно да одам, вели Кедев во интервју за „Република“.

Тој во недела, на 23 ноември, во големата сала на Македонската филхармонија ќе има голема презентација за искачувањето на сите 14 врвови на 8.000 метри, со посебен акцент на овогодишните искуства на Канченчунга и Гашербрум 1 во Пакистан. Влезот за предвањето на академик Кедев е бесплатен.

Според мене, квалитетот на животот е еквивалентен на нивото на смиреност која ја имаме. Кога бев во Индија во 2010 година, по моето искачување на Монт Еверест во 2009 година, прочитав во една реченица која е суштината на менталитетот и животниот принцип на Индија. Таму велат дека мора да имаш чиста мисла и добро да се однесуваш кон околината за да имаш внатрешен мир и среќа, вели д-р Кедев во интервју за „Република“.