Центарот за слобода ЦИВИЛ ги повикува сите граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности од секаков вид. Притисоци, закани, уцени, корупција, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси или службената положба, кршење на изборниот молк, незаконито работење на изборната администрација, агитација и пропаганда, говор на омраза, лажни вести, проблеми со Избирачкиот список, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.
Како што наведуваат ЦИВИЛ во соопштението, пријавите може да се поднесуваат деноноќно, на веб страницата Слободни избори, по електронска пошта (civil@civil.org.mk), во порака на Фејсбук или на телефоните 02 / 5209 176, 070 734 044.
Не постојат информации што се неважни. Затоа, независно во кој формат да пристигнуваат: фотографија, видео, постови на социјални мрежи и друг вид комуникации, лично сведоштво или случка. Едноставно, сите информации се добредојдени, велат од ЦИВИЛ.
Сите што сакаат да помогнат во изборниот мониторинг можат да се вклучат како долгорочни и краткорочни набљудувачи на ЦИВИЛ. Целото општество е повикано да се вклучи во заложбите за искоренување на говорот на омраза и лажните вести, пред последиците од нив да бидат несогледливи, се наведува во соопштението од ЦИВИЛ.
Comments are closed for this post.