Историјата да им се остави на историчарите. Политиката да не се меша во историјата, тоа е нашиот став од почетокот на осамостојувањето на државата. Пред се, историјата на еден народ ја пишува тој народ врз основа на својата колективна меморија, порача историчарот д-р Тодор Чепреганов на трибината „Раздавање, распродавање или крадење на македонската историја?“ Пиши-бриши брусалка историја и дали добрососедството подразбира и негорање на сопствената историја?“, во организација на Институтот СИА ВИСТА и Македонски манифест.
Поминував и една Англичанка прашува што е тоа потцртано на шахтата, а водачот и објаснува дека тоа е поради договорот со Грција и треба да се шмирглаат сите со Сонцето од Кутлеш. А таа вели: О, Господе зарем е ова можно, го започна Чепреганов своето обраќање на тема „Илинденско или илинденско-преображенско востание?“.
Прашан за формираните мешовити комисии, кои дискутираат по историски прашања на нашата држава, Бугарија и Грција, смета дека политички создадените комисии ги користат историчарите како грб за да ги реализираат своите работи под наводници за добрососедство и пријателство.
Не можете вие со комисии да играте покер на маса со историски настани и личности и да наддавате кои ќе ни бидат заеднички или не, нагласи Чепреганов.
Информирајќи дека немаат контакт со членовите на комисиите, а во однос на рокот до октомври кога треба да се даде одговор за Гоце Делчев, Чепреганов дециден дека постојано има политизирање на историјата, а штом имате политизирање на историјата, нагласува, вие немате историја.
Дали воопшто имаат комуникација со колегите од Бугарија околу овие прашања и дали и тие го делат овој став, беше прашан од новинарите, на што тој посочи дека дискутираат на научни собири и немаат никакви проблеми, но и да имаме, рече, ги решаваме врз база на научна основа, а не на политика.
Низок степен на политичка култура, оценува д-р Наташа Котлар – Трајкова, која говореше за „Македонско национално движење во XIX век: особености и процеси. Историјата, подвлече, е таа што има должност да осознава, да открива и да дава насоки, а политиката тоа да го спроведува во дејност. Кај нас, истакна, обратно се поставени нештата и нема што да разговараме.
Таа им порача на нејзините колеги-членови на мешовитите комисии да се осврнат кон научната димензија на историјата како наука, за да можат да го продолжат и својот развој како научници во иднина.
Инаку, тоа ќе биде политички договорена работа и претпоставувам дека таа ќе важи само за нив, но не и за целиот еснаф на историчари. Ние како научници и историчари немаме должност да се договараме, имаме должност кон научната и општествената легитимност на историјата како дисциплина, кажа Котлар – Трајкова.
Додаде дека прашањата за кои се дискутира во комисиите се од различни периоди и специјалности, но тие не се консултираат со историчарите од Институт во кој има соодветни подрачја и дејности, каде има специјалисти кои можат да одговорат на соодветни прашања.
Ниту еден од нив не е специјалист за бугарската или, пак, за грчката историја. Треба компаративно да следите, рече Котлар – Трајкова.
На трибината меѓу другите говореше и Ефтим Клетников на тема „Историјата како култура и варварство:Европскиот идентитетски геноциод над Македонија“ и Дардан Венетски „Раздавање, распродавање или крадење на историја?“.
Comments are closed for this post.