Коменирајќи ја на Фејсбук одлуката за негово разрешување од функцијата заменик-генерален секретар на ВМРО – ДПМНЕ, Петар Богојески денес посочи дека ја поздравува одлуката на ИК на партијата во врска со неговиот активизам во раководните структури, но не и во партијата. Се заблагодарува што бил ослободен од одговорноста што ја носел на себе и што ја пренесувал врз другите луѓе во Иницијативата за реформи.

Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО – ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на партијата на принципиелни основи, посочува Богојески во неговиот Фејсбук статус.

Почитувани,
ја поздравувам одлуката на ИК на ВМРО ДПМНЕ во врска со мојот активизам во раководните структури, но не и во…

Posted by Петар Богојески – Petar Bogojeski on Thursday, 4 October 2018

 

Според него, ВМРО-ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна, како што посочува „во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец“.

Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас. Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за било каков компромис.  Мојата максима беше и останува „Да изгубиме сите, а да добие Македонија!”, посочува Богојески.

Како што објави ПресингТВ, заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески синоќа беше разрешен од партиската функција.